За косовските граѓани, Франција и Германија на различни позиции за визна либерализација
Подготвил: Mарјан Велевски
И покрај најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Париз и Берлин би можеле да разгледаат одложување на стапувањето во сила на безвизниот режим за Косово доколку Приштина не се насочи кон намалување на тензиите со Србија, Германија планира строго да се придржува кон планот за укинување на визите за косовските граѓани при патување во ЕУ од 1 јануари 2024 година.
Според порталот Еурактив, по сѐ изгледа значи дека Макрон не се консултирал со властите во Берлин, кога минатата недела го изнесе ставот од Париз, но како „заедничка позиција на двете најголеми земји во ЕУ“.
Франција и Германија досега имаа синхронизиран пристап кон Косово, излегувајќи со заеднички ставови и изјави и заедно работеа на најновите предлози за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, неформално наречени „француско-германски план“.
Во меѓувреме, известувачката за Косово во Европскиот парламент, Виола фон Крамон, побара визната либерализација да не биде поврзувана со дијалогот Белград – Приштина.
– Граѓаните на Косово ја заслужуваат одамна задоцнетата визна либерализација. Сакаме да бидеме јасни – безвизниот режим не е и не треба да биде поврзан со дијалогот со Србија. ЕУ мора да го исполни ветувањето, дозволувајќи им на граѓаните на Косово слободно да патуваат од 1 јануари 2024 година – рече Фон Крамон.
На најавата на Макрон реагираше и косовската претседателка Вјоса Османи, која изјави дека доколку се одложи визната либерализација, дијалогот Белград – Приштина ќе биде уништен засекогаш.