Дидактичките материјали хроничен проблем на нашето образование и со сериозни последици за македонското општество
Oд Министерството за образование и наука, како и од Бирото за развој на образованието, апелираат предизвиците со образовните реформи и недостигот од учебници да не се поврзуваат со актуелните политички предизвици со кои се соочува Македонија. Но се чини тешко може да избегне поврзувањето на контексти, особено за предизвиците со учебниците по македонски јазик и историја. Самите наставници, а и повеќето интелектуалци изразуваат сомнеж дека некои работи заостануваат заради координирање со резултатите од работата на историските комисии со соседните земји Бугарија и Грција
Соопштението на Министерството за образование и наука, издадено една недела пред почеток на учебната година, дека „учебници за учениците ќе има“, се чини како да има „победнички“ призвук, невообичаен за 23-та година од 21 век. Сепак, по првата самоуверена реченица во соопштението продолжува со исклучоци, кои укажуваат на реалните и веќе хронични предизвици во образовниот систем на Македонија.
– Учениците во трето и шесто одделение учебната година ќе ја започнат без дел од учебниците. Сега тие се во фаза на одобрување во Националната комисија и не се знае кога ќе бидат одобрени, по што ќе бидат испечатени во доволен број примероци, а потоа дистрибуирани во училиштата. Еден мал дел учебници што не се испечатени се всушност сѐ уште во постапка, односно за нивно одобрување одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани – велат од Министерството за образование и наука.
Менувањето на образовната концепција ги усложнува состојбите во образованието
Некомплетно завршената постапка за печатење учебници за сите одделенија во основното образование на почетокот на учебната година е состојба што се повторува веќе неколку години, што остава простор да се нарече и хронична. Некои учебници, учениците не ги добиваат ниту да крајот на учебната годината, или како во јуни оваа година, кога учебникот по македонски јазик за петто одделение пристигна во училиштата неколку дена пред распустот.
Но не се само учебниците болната точка на македонското образование Иако од МОН порачуваат дека ќе продолжи да се имплементира концепцијата за основно образование, „и покрај обидите на одредени политички чинители да го поткопаат процесот на реформирање“, сепак наставниците и родителите на учениците имаат сериозни забелешки на процесот на менување на концепцијата за основното образование.
Веднаш по крајот на претходната учебна година, наставниците по македонски јазик реагираа на новата програма во наставата по предметот Македонски јазик за шесто одделение. Обуката за работа според новата концепција предизвика изненадување и збунетост кај наставниците, кои забележале дека во неа е изоставен делот односно подрачјето за историјата на македонскиот јазик. Тие увиделе дека досегашните пет образовни подрачја за наставата по Македонски јазик за шесто одделение се фузирани во три подрачја, но и дека е изоставено подрачјето за историскиот развој на македонскиот јазик, односно почетоците на писменоста и улогата на Кирил и Методиј.
Тие содржини до минатата учебна година на учениците им биле предавани во шесто одделение. Објаснувањето што го добиле од Бирото за развој на образованието било дека тој дел е преместен во програмата за седмо одделение, наводно поради возраста на учениците, за кои е проценето дека во шесто одделение се уште млади за усвојување такви содржини, но и за усогласување со програмата за предметот Историја и општество, каде што овој историски период од средниот век и дејноста на Кирил и Методиј ќе се изучува во седмо одделение. Сепак и понатаму останаа многу непознати од ваквата промена, бидејќи наставниците велат дека немаат информации што навистина се планира, кои содржини ќе бидат внесени во програмите до деветто одделение. Секако, нема ни учебник по Македонски јазик за шесто одделение (како што известуваат и од МОН), а според новата програма тие треба да подготвуваат дневни планови за настава.
Неизвесноста ги вознемирува и наставниците што треба да се преквалификуваат за интегрираните предмети, Историја и општество, како и Природни науки
– По однос на интегрирањето предмети, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години и како резултат од него е произлезен предметот Природни науки, за кој досега никогаш немало реакции. Интегрирањето предмети не предвидува укинување содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично. Транспарентно, во многу наврати досега, информиравме на кој начин ќе се предаваат овие интегрирани содржини – информира МОН.
Модулите и интегрираните премети, и покрај уверувањата од МОН дека нема да се одразат на работата на наставниците по предметите што се интегрираат и дека нема да има укинување содржини, сепак предизвикуваат неизвесност кај наставниот кадар, што секако би се одразило и на восприемањето на материјата кај учениците. Ваквата концепција на прв поглед изгледа премногу амбициозно. Во предметот Историја и општество има модули: историја, географија и граѓанско образование. Историја во шесто одделение ќе се предава во прво полугодие, со 62 часа. Географија на почетокот на второто полугодие до мај со 36 часа, а Граѓанско образование до крајот на учебната година, со 10 часа. Колку што може да се разбере од објаснувањата на МОН, наставникот по историја во второ полугодие нема да предава историја туку изборни предмети според потребите на учениците или што ќе му одреди директорот.
Слични прашања поставуваат и наставниците по физика и хемија, чии предмети ќе се интегрираат во преметот Природни науки, со реформите за осмо и деветто одделение.
– Ако еден предмет го предаваат четворица наставници и секој модул посебно се оценува (иако ќе се изведува просечна оценка), немаме некоја суштинска промена од досегашниот концепт. Само формално сме го намалиле бројот на предметите, а сме генерирале нови проблеми во образованието: загриженост на наставниците за бројот на часови, загриженост за работното место и уште низа други фрустрации.
Воведување нов концепт значи дека треба да постои обучен наставен кадар за да предава наставна програма за Природни науки, т.е. еден наставник да го предава тој предмет, а учениците да добијат соодветни знаења и претстава дека сите тие природни науки се темелат на исти методи на истражување. Потребни се најмалку пет-шест години за студиски програми за такви наставници, а во меѓувреме да се спроведе доквалификација на постојниот наставен кадар за еден наставник да може да предава Природни науки. Во секој случај, навистина се потребни реформи во образованието за природните науки. Ако се одлучиме за интегрираниот концепт, тогаш ни се потребни квалитетни подготовки на системот. А ако се задржи традиционалниот концепт со посебни предмети за секоја природна наука, и таму се потребни подобрување и осовременување на наставата. Најлошата варијанта е ништо да не се прави – вели деканот на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, Александар Скепаровски.
Општествено-политичките состојби се одразуваат и на образованието
Од МОН и од Бирото за развој на образованието апелираат предизвиците со образовните реформи и недостигот од учебници да не се поврзуваат со актуелните политички предизвици со кои се соочува Македонија. Но, се чини тешко може да избегне поврзувањето на контексти, особено за предизвиците за учебниците по македонски јазик и Историја. Самите наставници, а и повеќето интелектуалци, изразуваат сомнеж дека некои работи заостануваат заради координирање со резултатите од работата на историските комисии со соседните земји, Бугарија, но и Грција.
– Предизвикот со недостигот од учебници, кој веќе е хронична појава повеќе години, може да се објасни со неколку фактори: прво организациска неспособност на надлежните институции што треба да ги подготват учебниците, второ мрзеливоста како менталитет и трет веројатно знаат дека нешто не е во ред со содржините на учебниците, особено оние за историја и македонски јазик, кои треба да се усогласат според резултатите од работата на историската комисија, па тактизираат – вели универзитетската професорка по историја Наде Проева.
Историчарката од Институтот за национална историја на Македонија, Наташа Котлар-Трајкова се согласува со согледувањата на професорката Проева, но додава дека минатата година имало многу забелешки за учебниците по историја.
– Голем број од историчарите научници од Институтот за национална историја, но и од Катедрата по историја на Филозофскиот факултет не се нафативме да работиме на учебниците по историја, зашто со тоа би ѝ се дало легитимитет на оваа нова концепција со интегрирани предмети, што беше многу критикувана уште како предлог, но упорно се спроведува. Според одредени информации, во подготвените учебници по историја за шесто одделение, кои сѐ уште се на преоценување, не може да се види кои се авторите. Во секој случај, она што се случува со учебниците, односно нивното доцнење секоја учебна година, или што воопшто не стигнуваат до учениците, говори за несериозност и неодговорност на институциите што го креираат процесот на образовани, а се чини секоја година сѐ подлабоко го заринкуваат – вели професорката историчарка Наташа Котлар-Трајкова.