Зарем не беа доволни негирањата од страна на Бугарите, кои тврдат дека Македонија постои од 1944 година, или пак од Грците, кои сакаат да го присвојат целосно античкиот период, па мораше да се јават негирања на домашна почва дека до неодамна сме немале функционални институции? Такви гафови воопшто не ни се потребни, а најмалку во овој момент
Создавањето на современата македонска држава е кулминација на вековните стремежи на генерации македонски патриоти за сопствена држава, држава што беше воспримена како крепост на слободарството и заштитник на македонската национална посебност. Пројавата и изникнувањето на Македонија како држава на македонскиот народ, но и на сите други, без разлика на верата и етничката припадност, не беше историска случајност ниту оксиморон, како што некои се обидуваат да ја претстават. Македонија како држава е творба на континуирани еминентни сили обединети околу индивидуалноста на македонскиот народ и не случајно Христо Татарчев, основачот на Македонската револуционерна организација (МРО), рекол дека „народ, кој го истрпи петвековното ропство… кој што ја разруши Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ… не може по никаква цена да ја направи таа жртва“.
Во оформувањето на Македонија како државотворен супстрат на македонските национални индивидуалности учествувале Македонци со различни политички и идеолошки убедувања, не случајно имаше левичари, десничари, антифашисти, демократи итн., но сите тие беа обединети околу идеалот за создавање македонска држава. Современа Македонија како држава е поставена на темелите на двата Илиндена, од 1903 и 1944 година, таа се потпира на илинденската традиција и антифашистичката борба на македонскиот народ од Втората светска војна. Во оваа конотација, Киро Глигоров, првиот претседател на Република Македонија, вели: „По Самоила и обидот во средниот век да се формира македонска војска и по низата востанија да се ослободи македонскиот народ и да создаде своја држава, тоа се случи со помош на 120-илјадна македонска војска за време на Втората светска војна.“
Вистина е дека по Втората светска војна Македонија беше дел од поранешната Југославија и не беше целосна независна држава. Но во текот на неколку децении, Македонија како република во рамките на југословенската федерација создаде кадар и институции што послужија како основа за одделувањето на Македонија како независна држава. По прогласувањето на независноста на Македонија не започнавме од нула, впрочем денешните државни институции се продолжување на кадровската политика што беше спроведувана во текот на неколку децении додека Македонија егзистираше во рамките на југословенската држава. Оттука, тврдењата дека Македонија во 90-тите години на 20 век немала свои институции е апсурд.
Недозволиво е поради теснопартиски или лични интереси да се деградира континуитетот на македонската државност. Впрочем, негирањето на институциите е негирање на државотворните традиции на Македонија. На овој начин се погазуваат ликот и делото на илјадници Македонци што учествуваа во оформувањето на македонската држава. Со негацијата на македонските институции се погазува и Киро Глигоров, кој беше линкот помеѓу 2 август 1944 година и 8 септември 1991 година, односно помеѓу Првото заседание на АСНОМ и прогласувањето на македонската независност. Како општество мора да разбереме дека не започнува сѐ од нас.
Многумина твореле пред нас и придонеле за Македонија и нејзиното државотворно оформување. Со секое тврдење дека пред нас немало ништо се погазува творештвото на браќата Миладиновци, Григор Прличев, Кочо Рацин, Блаже Конески итн., а истовремено го изневеруваме и делото на илинденците и партизаните што го положија животот за Македонија и нејзината независност. Нашите предци знаеле што прават, но останува прашањето дали ние знаеме што правиме.
Зарем не беа доволни негирањата од страна на Бугарите, кои тврдат дека Македонија постои од 1944 година, или пак од Грците, кои сакаат да го присвојат целосно античкиот период, па мораше да се јават негирања на домашна почва дека до неодамна сме немале функционални институции? Такви гафови воопшто не ни се потребни, а најмалку во овој момент.
На крајот, текстот ќе го завршиме со зборовите на Панко Брашнаров, кој го отвори Првото заседание на АСНОМ: „Во овој момент, во ова историско место ’Св. Отец Прохор Пчињски’ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН – кога објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите илинденци – на Гоце Делчев и денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединена Македонија… Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илиденската народна епопеја и Крушовската Република… Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал. И ете како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крф и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби. Да е жива нашата мила македонска федерална држава! Да е жива федеративна, демократска Југославија, заеднички покров на братските јужнословенски народи!“