Заврши посетата на заменик-помошник државниот секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан
Заменик-помошник државниот секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ја заокружи својата дводневна посета на Скопје со одвоени средби со премиерот Димитар Ковачевски и со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
– Нема никого да подложувам на тортура овде. Сакам јасно да посочам дека САД не избираа влади во земјите на НАТО, меѓутоа поставуваме очекување и единствената работа за која ќе зборувам е да ја дадам истата порака што ја ширам во регионот – САД ги гледа како природни партнери оние што се посветени на евроинтеграциите, НАТО и борбата против корупција. Исто така, сакам да слушнам и да имам многу отворена размена на гледишта и се надевам дека ќе имаме повеќе по состанокот да ѝ кажеме на јавноста – изјави Ескобар, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот Ковачевски, пак, категорично го нагласи ставот на Владата дека не се размислува за нов договор и дека биле исцрпени сите механизми за репреговарање на рамката.
– Она што ние треба да го направиме е да обезбедиме непречен процес за полноправно членство во ЕУ. Преговарачката рамка е документ одобрен од сите членки и таа содржи услови што ние треба да ги исполниме. Нов договор нема да има ниту има можност за репреговарање на рамката како што некои политичари велеа, а оваа реторика сѐ помалку се користи по одговорите на политичките лидери во Брисел – потенцира Ковачевски.
На средбата со Мицковски беше потврден ставот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени. Шефот на опозицијата потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница, вклучувајќи и САД. Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатлантските вредности. Наедно, Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација е одржување предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет.