Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА

ЕП 2023 почнува задутре со дуелот Белгија – Италија. Македонија во првото коло во групата Ц, која ќе се игра во Скопје, в среда се среќава со Данска, а потоа се и мечевите со Црна Гора (2 септември), Полска (3 септември), Холандија (5 септември) и со Чешка (6 септември). Четирите најдобри репрезентации од секоја група ќе се пласираат во осминафиналето

Македонската одбојкарска репрезентација ги финализира подготовките пред почетокот на 33. Европско првенство (ЕП), група Ц, во Скопје (СЦ „Борис Трајковски“) од среда. Во подготвителниот период Македонија одигра неколку пријателски средби во Скопје и во Кавадарци, до почетокот на ЕП не се предвидени контролни средби, а подготовките, како и анализата на ривалите, продолжуваат во Скопје.
– Уште неколку дена остануваат до натпреварот против нашиот прв противник на ЕП во Скопје, селекцијата на Данска, против која имаме и добро и лошо искуство. Лошо е тоа што загубивме во Струмица во Сребрената лига пред две години, а добро, кога ги победивме со 3-0 кај нив во групната фаза од тоа натпреварување. Данска е репрезентација што игра добро, брзо, ризикува на сервис. Веќе ги анализиравме. Добро се подготвуваат, но и ние тренираме напорно и се сметам дека ќе им се реваншираме за поразот во Струмица. Се надевам на победа и убаво отворање на ЕП во Скопје – вели македонскиот репрезентативец Александар Љафтов.

ЕП 2023 се игра и во Италија (група А, играат Белгија, Италија, Германија, Естонија, Швајцарија, Србија), Бугарија (група Б, Шпанија, Бугарија, Словенија, Украина, Финска, Хрватска) и во Израел (група Д, Грција, Израел, Турција, Франција, Романија, Португалија). ЕП 2023 почнува задутре со дуелот Белгија – Италија од 20 часот, во Болоња.

На ЕП во Скопје, македонските љубители на одбојката ќе имаат можност да видат врвни натпревари, вкупно 15, секако со желба Македонија, предводена од селекторот Јошко Миленкоски, да обезбеди прво осминафинале во третиот настап на континенталниот собир. Македонија на ЕП 2023 ќе игра и со Црна Гора (2 септември), Полска (3 септември), Холандија (5 септември) и со Чешка (6 септември). Четирите најдобри репрезентации од секоја група ќе се пласираат во осминафиналето, а селекциите од групата Ц ќе играат во Бари (Италија). Г.И.