ФУДБАЛ
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин, во Атина изјави дека насилството и хулиганството не се проблем само на една земја туку на цела Европа, пренесуваат грчките медиуми. Чеферин, кој е во Грција, каде што вчера требаше да присуствува на мечот од Суперкупот на Европа помеѓу Манчестер сити и Севилја, се сретна и со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, а главна тема беше насилството меѓу симпатизерите на Динамо Загреб и АЕК што се случи во Атина минатата недела, во пресрет на мечот од квалификациите за ЛШ, а во кое беше убиен еден навивач на грчкиот клуб.
– Ние сме тажни и лути поради овие страшни работи што се случија и ова бесмислено насилство. Лути сме затоа што некои луѓе користат фудбалски натпревари за насилство. Замислете каква личност треба да бидете за да нападнете некого затоа што носи дрес од туѓ клуб – рече Чеферин.
Тој смета дека насилството на навивачите е „рак на фудбалот“.
– Не нарекувајте ги фудбалски навивачи. Тие не се навивачи. Тие само го користат фудбалот за своите глупави идеи. Има доволно насилство и хулиганство, кои не се проблем само за Грција туку и за цела Европа. Мора да го искорениме овој рак од општеството – додаде Чеферин, пренесуваат грчките медиуми.
УЕФА го откажа првиот натпревар меѓу АЕК и Динамо, кој требаше да се одигра на 8 август во Атина. Овие два клуба во средата го одиграа првиот меч од третото коло од квалификациите за ЛШ, а АЕК во Загреб го победи Динамо со 2-1. Реваншот е в сабота во Атина. Г.И.