Спринтерот од Јамајка на берлинскиот олимписки стадион собори два светски рекорда, на 100 и на 200 метри. Во Даегу беше дисквалификуван на 100, а прв на 200 метри. Во Москва повторно им одржа лекција на Американците

ВО ПРЕСРЕТ НА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ВО БУДИМПЕШТА (5)

На олимпискиот стадион во Берлин светот беше сведок на најголемиот блесок на спринтерот од Јамајка, феноменалниот Усеин Болт. Тој две години порано во Осака, со второто место на 200 метри зад Американецот Тајсон Геј, го најави своето брзо доаѓање на врвот, а веќе една година подоцна на Летните олимписки игри (ЛОИ) во кинескиот град Пекинг, тоа и го потврди. Болт веќе овде, на Светското првенство (СП) во Германија, покажа дека долго време ќе владее на најкратките патеки.
Во Берлин го занеме светот откако „стотката“ ја истрча со време на нов светски рекорд од 9,58 секунди. Беспомошни беа дури и големите спринтерски ѕвезди, Тајсон Геј од САД и Асафа Пауел од Јамајка, кои завршија на второто, односно третото место.
И во трката на 200 метри се повтори истата слика, Болт молскавично стигна до златото и до нов светски рекорд, овој пат од 19,19 секунди, додека ривалите повторно беа декласирани и немоќни. Во тие денови, по двете фуриозни трки на најкратките патеки, Болт стана централна спортска личност во светот, за кого најмногу се пишуваше.
Рекордерската листа на првенството во Берлин ја дополни Анита Влодарчик од Полска, која го фрли кладивото 77, 96 метри. Тоа беше трет и последен светски рекорд, единствен во женска конкуренција на овој атлетски шампионат.
Берлин ќе остане запаметен и по тоа што овде спринтерките од Јамајка ја презедоа светската доминација. Шели Ен Фрејзер беше прва на 100 метри, со нов национален рекорд на Карибите и Централна Америка од 10,73 секунди, сонародничката Керон Стјуарт беше втора, а најбрзата Американка, Кармелита Џетер мина трета низ целта. Сепак, утеха за нив беше првото место на Американката Алисон Феликс во трката на 200 метри, пред второпласираната Кемпбел Браун од Јамајка.
На ова СП стартуваа 1.895 натпреварувачи од 200 земји.

Анита
Влодарчик

ДАЕГУ: СПРИНТЕРИТЕ ОД ЈАМАЈКА НЕДОПИРЛИВИ

Завршницата на Светското првенство во Даегу (Јужна Кореја) беше збогатена со единствениот светски рекорд постигнат на овој 13-ти по ред атлетски мундијал. Подвигот го изведоа спринтерите од Јамајка, кои едноставно ја „прелетаа“ штафетната делница на 4×100 метри, постигнувајќи резултат од 37,04 секунди. На задоволство на гледачите, како што и се очекуваше, во последната „стотка“ трчаше Усеин Болт, кој како газела ги минуваше метрите и им бегаше на своите ривали.
Во составот на рекордерската штафета беа уште Неста Картер, Мајкл Фрејтер и Јохан Блејк, кој пак, по дисквалификацијата на Болт во финалето на 100 метри, мина прв низ целта и го освои златниот медал. Интересно е тоа што Блејк беше единствениот во финалето на најкратката патека што постигна резултат под 10 секунди (9,92).
Црномурестиот британски тркач на долги патеки Мо Фарах беше најпријатното изненадување на СП во Даегу. Тој победи на пет, а беше втор на 10 километри, со што уште таму го најави нападот на двете злата, потоа на ЛОИ во Лондон, како и на следното СП во главниот град на Русија, Москва.
Во женска конкуренција, пак, најголем впечаток остави Сели Пирсон од Австралија, која во трката на 100 метри со пречки го освои најсјајното одличје, а притоа успеа да постави и нов национален рекорд на Австралија и Океанија од 12,28 секунди.
Уште една атлетичарка од овие простори ја продолжи доминацијата во дисциплината фрлање ѓуле. Тоа беше Валери Вили Адамс од Нов Зеланд, која во Даегу го освои златниот медал. На ова СП настапија 1.742 учесници од 199 држави.

(Утре: СП во Москва и Пекинг)