За време на СП, кое е во тек, фудбалерките сакаа да се концентрираат само на својата игра, без јавни изјави на оваа тема. Тие се убедени дека дури по елиминацијата е време Фудбалската федерација на Нигерија да ги исполни своите обврски и да им ги плати точните суми што им ги должи на фудбалерките, се наведува меѓу другото во соопштението на ФИФПРО
ФУДБАЛ
Синдикатот на професионални фудбалери (ФИФПРО) објави дека ѝ помага на женската репрезентација на Нигерија да си ги реши постојните несогласувања со Фудбалската федерација на Нигерија околу неисплатените бонуси, надоместоци за трошоци и аванси. Некои од долговите датираат од пред две години. На СП во Австралија и Нов Зеланд, кое влезе во завршната фаза, Нигеријките беа елиминирани во осминафиналето од репрезентацијата на Англија, но дури по изведувањето пенали.
– За време на СП, фудбалерките сакаа да се концентрираат само на својата игра, без никакви јавни изјави по ова прашање. Тие се убедени дека дури по елиминацијата е време Фудбалската федерација на Нигерија да ги исполни своите обврски и да им ги плати точните суми што им ги должи на фудбалерките – се наведува во соопштението на ФИФПРО.
Женската фудбалска репрезентација на Нигерија е најуспешната женска репрезентација во таа земја. Тие го освоија Купот на африканските нации дури девет пати и настапија на сите девет досегашни светски првенства. За жал, од 2004 година тие се постојано во конфликт со Федерацијата околу исплатата на парите што им се должат.
На СП во 2019 година, кое се одржа во Франција, по поразот од Германија во второто коло, Нигеријките јавно протестираа поради долгот што треба да им го врати нивната фудбалска федерација, па дури и ги бојкотираа тренинзите лани на Купот на африканските нации во пресрет на натпреварот со Мароко за третото место.
Се чинеше дека работите по ова ќе тргнат во вистинскиот правец, но 30 дена подоцна стана јасно дека ништо нема да се случи. Селекторот Ренди Валдрум пред почетокот на ова СП изјави дека Федерацијата му должи седум плати, а некои од фудбалерките не биле платени повеќе од две години.
Во соопштението на ФИФПРО се наведува и дека оваа нервозна ситуација била актуелна и пред годинашното СП, но и за време на самото одржување.
– Многу е тажно што фудбалерките на Нигерија мораат да се судрат со сопствената федерација во толку значаен миг за нивните кариери – велат од ФИФПРО.
Како реакција на соопштението на ФИФПРО, функционер од Фудбалската федерација на Нигерија во изјава за британски „Би-би-си“ (Африка) изјави дека на ова СП постојат договори со играчите и дека парите ќе им бидат исплатени, додавајќи дека ќе се провери какви долгови има кон фудбалерките и дека тоа ќе биде регулирано.
Секако, ова може да е последица и на најавата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) дека ќе провери дали сите федерации им ги исплаќале на фудбалерките парите од годинашниве премии. Прво беше најавено дека ФИФА ќе им ги исплати парите директно на фудбалерките, но тоа беше променето на ден пред почетокот на СП, со напомена дека на федерациите им било строго кажано да им ги дадат парите на фудбалерките. Г.И.