Плажа на здодевноста постелена пред море фантазија

Ако ја читате колумнава наназад ќе откриете неколку возбудливи мистерии, ќе најдете решенија на пар теории на заговор, секако ќе налетате на дузина политички скандали и сексуални пикантерии, со отворени раце ќе ве пречекаат едно чудо геостратегиски предвидувања и, нормално, ќе научите една животна лекција, две дистописки басни, три јавачи на апокалипсата затоа што едниот го задржаа на граница на логиката, четири венчавки без погреб и петтиот елемент завиткан во целофан со црвена панделка. Но ако сте почнале да ја читате колумнава од почеток не само што нема да откриете ништо сензационално туку најверојатно ќе посакате да се покриете и да заспиете во длабок сон од кој не треба да се будите додека вештачката интелигенција не ја преземе власта над планетава.
Русјаков, добро си?
Не сум. Се чувствувам како затворен во кутија без надеж дека Пандора ќе дојде во секси бикини и крем за сончање во раката за да ми рече, „Намачкај ми го грбот!“. А-ха, го имам она проклето чувство дека сите сте на одмор, само јас сум останат среде нордистанската интелектуална пустелија за да напишам колумна, која треба да ви биде интересна додека ја читате на плажа. Што бре има да ви биде интересно ако сте на одмор? Па, нели, на одмор се оди за да се одмориш од интересното? Да се скриеш од факинг интересното, оти кај нас… тоа интересното… ти доаѓа нешто како гадна клетва… нешто како, роди ме мајко и фрли ме…. во интересното. Кој нормален, а роден тука што е секако ретка појава, сака да плива во интересното?
Кај нас „интересното“ е кога скокаш на една нога на работ од разумот, секако ти тоа воопшто не си го планирал, ама ти рекле дека немаш друга алтернатива, па сега, додека така скокаш со паника во колената, ти се дерат да не се вртиш назад, оти таму е минатото, кое може да те деконцентрира, попаметно ти е да го затнеш носот и да го проголташ фактот дека може ќе паднеш во амбисот на безумноста, ама ти скокај, брате, трчај Форест, немој никако да застанеш на двете нозе за да се одмориш, одморот е Потемкинова стапица што е руска заебанција, значи продолжи да скокаш кон иднината, сите пречки, закани и уцени поставени пред тебе сигурно ќе те обезличат како битие, ама тоа е за твое добро, затоа гледај позитивно, кога ќе стигнеш на целта, нема веќе да си ТИ што автоматски отвора можност да бидеш што сакаш.

Е сега, под она „да бидеш што сакаш“, повеќето скокачи на една нога, подразбираат „поубав и побогат“, (попаметен не доаѓа предвид, оти тука сите природно се чувствуваат најпаметни), ама па не им е ќеф да скокаат сами на работ од разумот и веднаш сакаат да те присилат и ти да тргнеш по нив, море има да те фатат за гуша, да ти се заканат со насилство, затвор и пропаст ако не ги придружуваш. А нормално е, секогаш ги има, на пример вакви како мене, кој не сака да скока на една нога по работ на разумот, над бездната на безумноста, со затнат нос да им ја голтам смрдливата иднина по нивни терк во сто и педесет нијанси на розово обоена, па одбивам да прифатам дека интересното е прогресивно, а здодевното бескорисно како минато традиционално време и баш ме заболе што инсистираат дека е подобро да сум „тие“, отколку „јас“, ич око не ми трепнува што ми се пуштиле сите оние глутници дотерани дрвени манекени од излозите на лажните вредности, истрошени сопственици на празни флоскули и свилени ракавици под кои се кријат раце што пикањето по туѓи џебови и воздишки го претставуваат како цивилизациски достигнувања, фанатични зависници навлечени на шмркање црвени линии и групњак-фундаменталисти, кои сакаат да ме стават во нивните оргии, унии, алијанси и други празни множества полни лицемерство и ароганција, ма не ме плашат нивните нежни убедувања намачкани со сурови закани, море ич не ми чуе што од сите тукашни подрумски дупки, плакари полни молци и хистерија, тајни ходници натрупани досиеја на интимноста ги вадат своите страшила за да ми ја исплашат и вознемират незаинтересираноста, јас бре и на чудовиштата што спијат под креветот на детството сакав да им плетам приказни од своите први фрустрации.
Во меѓувреме дојде Пандора со мохито во едната и крем за сончање во другата рака, ми вели, „Извини што задоцнив, појма немам кај сум ја затурила кутијата, а во неа ми беше надежта што сакав да ја облечам за тебе денеска“, ми го подава мохитото со муабетот, „Подмачкај си го грлото пред да ми го намачкаш грбот“, па ги пружа своите совршени долги нозе на лежалката до мојата и додека така лежиме среде плажата на здодевноста постелена пред морето од мојата фантазија со поглед на Африка, со капки тага во гласот ме прашува; „А што мислиш, овие што кубат коси и лицемерна загриженост околу војната во Украина вадејќи ги од дното на својата утроба најгадните глаголи за Путин и Русија, ќе плачат ли сега над судбината на Нигер, масакрите на цивили во најава, откако ќе започне западната воена операција за враќање на демократското право на Франција, ЕУ и САД да ги поседуваат нигерските ураниум и злато бесплатно?“

Не, драга моја, исто како со геноцидот во Ирак, Либија и во Сирија, солза нема да им капне, збор нема да кажат, освен можеби поддршка за воената операција, оти тие таму, мила моја, се една дузина неважни африкански црнци чии животи не се битни како оние на Афроамериканците, ама исклучиво во време на антирепубликански кампањи кога демократите се во опозиција. Нигер најверојатно страшно ќе страда, освен ако Нигерците не одлучат да слушаат опери од Вагнер додека прават руска салата и кинески нудли за зимница. Иако сега ме интересира да чујам со каква западна вредност ќе биде оправдана воената интервенција. Замислувам неколку варијанти на можните причини за воена атака. На пример, не само што граѓаните на Нигер одбиле да ги јадат домашно приготвените сендвичи со шунка и закани од Нуланд, туку ја послужиле со вотка без мраз, наместо со леден чај што, секако, ги возбуди сите демократски духови од Вашингтон до Мајдан. Или… Нигерскиот ураниум никако не смее да се остави во рацете на тамошните жители зашто тоа се едни гладни Африканци, кои, не знаејќи за што служи, ќе почнат да го јадат и секој од нив ќе стане нуклеарна опасност како што Ирачаните беа хемиска закана. СКАНДАЛ: Златото што можеше да блеска во западноевропските трезори, сега е осквернето од африканските вештерки што го носат како обетки, ланчиња и прстени. Да, да, наеднаш ќе излезат многу „логични“ причини за крвопролевање, но, наскоро пред очи ќе ни се отвори и таа приказна, која, не се знае, може ќе се раскажува низ цела Африка.