Во периодот на горештини со над 40 Целзиусови степени, земјоделците се соочија со проблемот со недостиг од вода за наводнување. На опасност од исушување на земјоделските култури во источниот регион беа изложени над две илјади хектари засадени со пченка, ориз и други земјоделски култури
Ефикасноста на системите за водоснабдување на земјоделските површини како повод
По високите трошоци на производство, ниските откупни цени на годинашниот род и неизвесниот пласман на пченица и јачмен, македонските земјоделци се соочуваат и со нов системски предизвик: мелиорација на земјиштето со фокус на водоснабдувањето. Имено, во недостиг од вода за снабдување во комбинација со сушата и временските неприлики, заканата од десеткување, па и целосно уништување на родот е реална. Некои од земјоделците во Свети Николе и во Кочани се жалат дека ќе забележат нови големи загуби, поради сушата и нередовното наводнување од системите на водостопанските претпријатија. Излегоа на виделина низа елементи како слабости на „реорганизираниот“ систем на наводнување во земјата, кој беше поддржан и со средства од меѓународните финансиски институции, кои доаѓаат до израз секоја година во текот на летниот период, кога секоја капка вода е добредојдена за земјоделските култури. Во периодот на горештини со над 40 Целзиусови степени, земјоделците имаат проблем со недостиг од вода за наводнување. На опасност од исушување на земјоделските култури во овој дел од источниот регион беа изложени над две илјади хектари засадени со пченка, ориз и други земјоделски култури.
Прво Овчеполци, а сега и земјоделците од Штипско-Карбинскиот Регион
погодени од пропустите во водоснабдувањето
По минатонеделниот протест на Овчеполци поради недостигот од вода за наводнување, и земјоделците од Штипско-Карбинскиот Регион се пожалија дека посевите со ориз им се сушат. Причина, според нив, е тоа што вода има, но се губи некаде во системот за наводнување!
– Бараме итно да дојдат од водостопанство и да преземат мерки да има вода во доволни количества. Браната е полна, ама проблемот е што тие не можат да ја донесат до нивите – изјави Павле Ѓоргиев, земјоделец од селото Крупиште, Карбинско.
Проблемот со нередовното наводнување на земјоделските површини, според Националната мрежа на земјоделеците, е проблем што се провлекува многу години.
– Причините за неефикасноста во наводнувањето на земјоделските површини се неколкуслојни. Со формирањето на единствено АД „Водостопанство“, со седиште во Скопје, сите подрачни водостопански претпријатија влегоа под единствено управување. Подрачните водостопански претпријатија зависат целосно од одлуките што ќе се носат на централно ниво. Подрачните претпријатија се финансиски зависни од „централата“ и не можат да вршат редовно одржување на подрачните системи за наводнување. Дополнителен проблем, но како еден сегмент од интегралниот проблем, е тоа што вработените не примаат редовни плати. Но основно е што не се почитува законски дефинираната обврска за водостопанските претпријатија да склучат предвреме договори со водокорисниците во која ќе се утврди и динамиката за наводнување на површините, во количества и рокови. Со тоа се избегнува обврската во случај на надомест на штета на земјоделците, за неиспорачани количества на вода за наводнување, што се случува и годинава – ни изјави Ѓорѓи Каракашев, индивидуален земјоделец од Радовишко и претседател на Националната мрежа на земјоделците.
Нередовното намирување на сметките за наводнување не може да биде изговор за водостопанските претпријатија за нивната слаба финансиска состојба, која се одразува и на редовното наводнување на земјоделските површини. Како што изјавуваат земјоделците, тие не можат да го избегнат плаќањето на „водарината“, бидејќи редовното намирување на оваа обврска е услов и за користење и исплата на субвенциите што се исплаќаат од државата.
– Редовно ги исплаќаме нашите обврски, а повторно налето сме изложени на високи штети поради нередовното снабдување со вода за наводнување. Вообичаено, се доцни со почетокот на наводнувањето или водата не се испорачува во доволни количества. Висината на водарината се пресметува од око, а не врз реално наводнувани површини. Има случаи кога земјоделците мораат да плаќаат и за површини што воопшто не се наводнувани во годината. Тоа е затоа што надлежните лица од водостопанските претпријатија не водат евиденција на терен колку вода е испорачана. Треба да се помине со гаснење на „пожарите“ во земјоделството, и тоа кога ќе се побунат земјоделците. Потребни ни се системски решенија за земјоделските проблеми, од откуп на производите, гарантирани цени и навремено наводнување. На тој начин ќе го заштитиме земјоделството во Македонија. Вака, земјоделците од видни граѓани и домаќини се доведуваат да бидат социјални случаи – вели Каракашев.
Предизвикот на чистењето на одводните канали како континуирана енигма
Покрај нередовното снабдување, од водостопанските претпријатија нередовно се грижат и за чистењето на одводните канали, од кои во летниот период, поради поројните дождови, се случува да бидат поплавени земјоделските површини.
По дополнителната интервенција од Министерството за земјоделство од „Водостопанство Брегалница“ го испорачаа потребното количество за наводнување. Од ресорното министерство најавија наоѓање трајни решенија со наводнувањето и нови системи за наводнување и за реконструкција на системите. Така, за Овче Поле се подготвува проектна документација, која ќе биде финансирана преку Програмата за водостопанство за нов крак што ќе дојде до Овче Поле.
– Неделава низ цевководот Макарија во Росоман ќе потече вода, а системот е саниран во најбрз можен рок – информираа викендот од МЗШВ. М.Ј.