Во фељтонот што ќе го објавиме во неколку продолженија, д-р Митко Б. Панов,
редовен професор во Институтот за национална историја, прави обид дефинитивно да стави точка на бугарските историографски конструкти, особено што под превезот на политичкиот договор и билатералните протоколи со Бугарија, Самуил и неговата држава и црква се проектираат во модерната борба за средновековното наследство на Македонија, а преку историска комисија, која го легитимира политичкиот концепт за некаква замислена и измислена „заедничка историја“, се експлоатираат за идентитетско негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонската нација. Написот демонстрира дека проектирањето на историското минато во 21 век за оспорување на современиот идентитет претставува реминисценција на политичкото, идеолошкото и терминолошкото ослепување на Самуиловата држава и црква од страна на византискиот естаблишмент во 11 и 12 век.

Проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во
Институтот за национална историја

Новите непријатели произлезени од Самуиловата држава биле означувани како „Скити“ и во фиктивниот епитаф на Никифор II Фока, содржан во интерполираниот текст на Јован Скилица, a кој му се припишува на поетот Јован од Мелитина. Епитафот бил составен во 988/989 г. и претставувал форма на класична пропаганда против Василиј II. Во него се повикува мртвиот император Никифор да стане од гробот и да ја поведе војската, бидејќи додека „Русите целосно вооружени ги напаѓаат нашите пристаништа, Скитите се нетрпеливи да вршат колежи“. Описот кореспондира со настаните по 985/986 г., кога суровите „Скити“, односно Самуиловата војска, безмилосно ја опустошувале Македонија, за што Јован од Мелитина го критикувал Василиј II.
Самуиловата војска е означена како „варвари“ и во официјалните документи издадени од византискиот император Василиј II, датирани пред ликвидирањето на Самуиловата држава во 1018 г. Во Енкомиумот за Фотиј Тесалиски од 11 век, каде што анонимниот автор го опишува животот на Фотиј, кој бил свештеник во Солун и го придружувал Василиј II во воените походи, непријателите од Самуиловата држава биле означени како „Мизи“ и „варвари“ и на тој начин разликувани од градовите под контрола на Византија, кои биле означени како „македонски“. Истиот контекст се забележува и кај анонимниот автор на Житието на Свети Атанасиј Атонски, веројатно составен во првите децении на XI век, каде што се наведува дека Василиj II „собра војска во Македонија, подготвувајќи се за војна против варварите“.
Сличен историски контекст може да се забележи и во Житието на Св. Фантино, составено од анонимен автор во втората половина на X век. Описот на пророштвото на Фантин, кое било обелоденето за време на посетата на светецот на Лариса, сосема сигурно се однесува на заземањето на градот од Самуиловата војска, кое се случило во 986 г. Притоа, забележливо е дека Самуиловата армија е означена со недефиниран термин „непријатели“, иако анонимниот автор бил сведок на настаните. Тоа не е случај со други две епизоди во кои анонимниот автор упатува на загрозеноста на Солун и околната област од „бугарското племе“, а кои се однесуваат на обновената војна на императорот Никифор II Фока со бугарската држава во периодот 965–966/967 г. Истиот хронолошки контекст најверојатно е содржан и во два документа од архивите на Света Гора.
Гледано во целина, во делата на византиските современици не може да се најде ниту еден податок дека тие ја идентификувале Самуиловата држава со името „Бугарија“, ниту дека Самуиловата војска и поданиците биле означувани како „Бугари“. Напротив, Самуиловата држава воопшто не била именувана, исто како што и идентитетот на Самуил и неговата титула биле тенденциозно замаскирани. Жителите во рамките на Самуиловата држава биле сметани од страна на византиските современици за нови непријатели на Византија, „странски народ“ со „скитски“ карактеристики, и означувани исклучиво со стереотипните термини „Скити“, „Мизи“, „варвари“ или само „непријатели“.

Од крајно скудните сведоштва на западнитe автори што биле современици на Самуиловата држава, како венецискиот хроничар Јован Ѓакон и епископот од Мерсесбург, Титмар, кој ја составил Хрониката околу 1018 г., невозможно е да се реконструира нивната претстава за Самуиловата држава. „Тиранинскиот бунт“ на „извесен Самуил“ (certo Scemuel) против Василиј II, со кој биле опустошени и оставени без жители „границите на Бугарите во Македонија и некои градови во Далмација“ сe споменува во краткиот пасус на анонимниот автор на Легендата за Св. Трифун, која се датира пред 15 век. Меѓутоа, оригиналниот латински ракопис не е зачуван, туку e достапен во верзија на италијански јазик од 1446 г. и публикуван во Венеција во 1561 г., што го прави неможно конкретното утврдување на времето кога оригиналот бил составен, што, наедно, ја прави извесна подоцнежната терминолошка интерполација на преведувачот.
Општо земено, текстуалната изворна анализа покажува дека Самуиловите современици воопшто не ја идентификувале Самуиловата држава со терминот „Бугарија“, никаде не навеле дека таа била продолжение на Бугарското Царство и дека поданиците биле „Бугари“, ниту дека Самуил претендирал на бугарските царски традиции за да обезбеди легитимитет на државата и на царската титула.
Ваквата интерпретација е всушност подоцнежен конструкт и продукт на модерната имагинација, која ја следи идејата на Василиј II за врамување на Самуиловата држава и црква во идеолошки конструираниот фиктивен континуитет на византиската супремација. Имено, по потчинувањето на Самуиловата држава и обновувањето на голем дел од Балканот во 1018 г., Василиј II ги прекроил концептуалните граници на империјата, што, пак, изискувало воведување на нова терминологија за маркирање на повторно освоените територии. Тоа резултирало со целосна терминолошка дисторзија на освоените територии на Балканот. Со оглед дека естаблишментот во Константинопол не само што не ја признавал Самуиловата држава туку ја третирал како илегално произлезена од територијата на Византија, за означување на рекомпонираните граници бил воведен нов административен и црковен термин „Бугарија“. Тоа не била терминологија со која бил означуван етничкиот идентитет, туку административен маркер за концептуално маркирање на земјата под власт на Ромеите. Во прилог на овој аргумент зборува и сигилијата на Василиј II за Охридската архиепископија, која открива дека со користење на новата терминологија, императорот настојувал идеолошки да ги врами новостекнатите територии на поранешното Бугарско Царство (ликвидирано од Јован Цимиски во 971 година) и дотогашната Самуилова држава (ликвидирана од Василиј II во 1018 г.).

Во согласност со реториката на Василиј, тој со интегрирањето на териториите под ромејска власт идеолошки „ги споил во едно поделените делови и ги ставил под еден јарем границите, без да ги прекрши на некаков начин правилата добро воспоставени од оние што владееле пред нас“. Тој всушност ги измешал и споил териториите на некогашните држави, воспоставувајќи со тоа нов поредок. Терминолошките ознаки „Бугарија/Бугари“ произлезени од новата административно-црковна организација воспоставена од Василиј II по 1018 г., немале етничко значење. Меѓутоа, новите административни имиња влијаеле кај византиските автори од крајот на 11 век да започнат да ги користат како проектирани термини при нивната нарација за Самуил и за Самуиловата држава – независно што во време на егзистирањето на Самуиловата држава овие термини не биле употребувани. Ваквата проектирана терминологија произлезена од административното рекомпонирање на Василиј, подредена на византиската политичка и идеолошка пропаганда, започнала посредно да се пренесува и надвор од границите на Византија, на Западот и на Истокот.
Самуиловата држава за време на нејзиното формирање во 969 г. и егзистирање до 1018 г. не била идентификувана oд византиските современици како „Бугарија“ ниту нејзините жители како „Бугари“.

2. Василиј II не бил „Бугароубиец“ кога војувал со Самуиловата држава

Британскиот професор Пол Стивенсон во книгата „Тhe Legend of Basil the Bulgar-Slayer“ (Кембриџ, 2003), убедливо покажа дека за време на својот живот Василиј II не бил нарекуван „Бугароубиец“, туку Порфирогенит (роден во пурпур). Стивенсон притоа објаснува дека апелацијата „Бугароубиец“ му била придодадена на Василиј II многу подоцна по неговата смрт – кон крајот на 12 век – како своевиден политичко-идеолошки противодговор на формирањето на новата бугарско-влашка држава.
Интересно е што неоспорните аргументи на Стивенсон во најново време се подложени на критика од страна на некои бугарски истражувачи. Тие главно упатуваат на Житието на Јован Помладиот, кој живеел во 11 век, во кое се наведува дека Василиј II „добил прекар“ поради победите против „Бугарите“. Меѓутоа, познато е дека автор на Житието на Јован Помладиот бил Теодор Метохит (1270 – 1332), кој всушност го составил овој текст по неговото прогонство во 1328 г. во Дидимотејон, каде што Јован Помладиот некогаш служел како игумен. Поради тоа, Житието не може да се смета како доказ дека Василиј II бил сметан за „Бугароубиец“ во колективната имагинација на „бугарското“ население веднаш по неговата победа над Самуиловата војска кај Беласица во 1014 година, како што се обидуваат да „докажат“ некои бугарски истражувачи. Уште повеќе, во најново време наративот за победата кај битката кај Беласица и ослепувањето на 14.000 Самуилови заробеници, што Јован Склилица толку славно му ги припишал на Василиј II, од истражувачите главно се интерпретира како преувеличување или, како што смета германскиот византолог Петар Шрајнер, дури и измислица за целите на византиската идеолошка пропаганда.
Називот „Бугароубиец“ несомнено бил конструкција на византискиот естаблишмент во 80-тите години од 12 век, кога за првпат во изворите се среќава оваа апелација што му била додадена на Василиј II. Преку тоа Византија всушност одговорила на појавата на новата влашко-бугарска држава на просторот меѓу планината Хемус и долниот дел на реката Дунав во 1186 година, под водство на браќата Петар и Асен. Притоа, индикативно е што византиските автори од тоа време не го асоцирале Василиј II со неговиот вистински опонент Самуил, туку го повикувале неговиот дух во воениот судир со новите непријатели – Власите и Бугарите. Оттаму произлегла и новата апелација за Василиј II, која била продукт на новата констелација со појавата на политичкиот субјект на Бугарите и Власите.
Интересно е што конструираната византиска апелација „Бугароубиец“ за Василиј II била погодно искористена за територијалните аспирации на бугарскиот владетел Јоаница Калојан, кој, според Георги Акрополит (13 век), тврдел дека ги поробил местата и градовите како акт на „одмазда за злоделата што императорот Василиј ги сторил против Бугарите“. Во тој контекст, Калојан велел дека „бидејќи тој човек бил наречен ‘Бугароубиец’, самиот се нарекол ‘Ромеоубиец’. Инверзијата на Калојан при упатувањето на злоделата на Василиј „Бугароубиецот“ претставува јасен показател за неговата тенденција да манипулира со подоцнежната византиска конструирана апелација за Василиј II од крајот на 12 век, експлоатирајќи ја за креирање фиктивен континуитет на царските традиции во функција на реализирање на сопственaтa агенда за освојување на византиските територии.
Византискиот конструиран карактер на апелацијата „Бугароубиец“ нè враќа кон изворните сведоштва од времето на Василиј II, кога императорот се соочувал со вистинските непријатели што доаѓале од Самуиловата држава, а не со подоцна терминолошки конструираните и проектираните. Тоа води кон прашањето дали може да се утврди која била вистинската апелација за Василиј II, односно дали покрај Порфирогенит, Василиј II бил познат и со друга апелација, произлезена од победите над Самуиловата држава. За среќа, го имаме епитафот на Василиј II, кој во стихови ги содржи победите на императорот:

„Императорите oд дамнина
си доделиле себеси различни погребни места:
некои овде, други
таму; но јас, Василиј роден во пурпур,
го подигнав мојот гроб во областа Хебдомон.
Тука почивам, на седмиот ден, од многубројните страдања
Поднесував и издржував на бојното поле,
зашто од денот кога небесниот Цар ме повика
да станам император, голем господар на светот,
никој не го виде моето копје да лежи неактивно.
Останав буден во текот на мојот живот
и ги заштитив децата на Новиот Рим,
храбро водејќи кампањи и на Запад,
и на позициите на Исток,
подигајќи огромен број трофеи во сите делови на светот.
А сведоци за тоа се Персијците и Скитите,
заедно со Абхазијците, Исмаилитите,
Арапите и Иверците.
О човеку, гледајќи го сега мојот гроб овде,
награди ме за моите походи со своите молитви“.

Проф. д-р Митко Б. Панов Редовен професор во Институтот за национална историја

(Продолжува)