Емини беше еден од нашите најдобри борачи во минатиот век, кога освојувавме медали на сите големи приредби. Со двата сребрени медала на Медитеранските игри во Казабланка (1983) и во Латакија (1987), Емини обезбеди место во македонската боречка историја

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (261)

Во минатото имавме борачи во слободен стил што блеснаа и се искачија на светскиот врв. Не треба да потсетуваме оти Шабан Трстена меѓу многубројните медали имаше злато и сребро од олимпијадите, Шабан Сејдиу, пак, две бронзи од најголемиот светски собир. Кога на овие ќе се додадат и медалите освоени на светските и на европските првенства, тогаш нема сомнение оти станува збор за два аса од светски калибар. Но тие не беа единствени во времето кога Македонија во составот на репрезентацијата на поранешна Југославија партиципираше со квалитетни борачи. Меѓу првите што го трасираа патот кон успехот беа Јусуфов и Тефиков, Сали, Демири, кои во 1960-тите години први настапија на ЕП и на СП, потоа дојдоа и првите боречки олимпијци Борче Димовски и Симеон Шутев. Накратко, имаше една плејада квалитетни борачи, меѓу кои се истакнуваа Добре Маринков, нешто подоцна и Сефер Салиовски, кој беше трет на ЕП во Берлин, а задно со Ристо Дарлев учествуваше на Олимпијадата во Минхен. Тука, во списокот што полека избледува свое место имаат штипјаните Киро Ристов, кој беше носител на медал од Универзијадата, и Зоран Шоров, кој со два медала од европските првенства, сребрен и бронзен, обезбеди високо место во нашата спортска историја. Тој беше и во составот на првиот македонски олимписки тим, кој своето деби го имаше во Барселона во 1992 година. Меѓу оние помладите, кои не ги достигнаа истите височини во сениорска конкуренција, секако се и носителите на медали од младинските светски и европски собири Филковски и Чаволи. Потоа доаѓаа нови генерации, кои со себе носеа и нови шампиони. Но факт е дека Македонија најголема афирмација доживеа со гореспоменатите имиња, и тоа во втората половина од минатиот век. Во последната декада од тој и првата од овој век повеќе успеси имаа борачите од странство што со македонски пасош освојуваа медали на светската сцена. Тука би ги споменал Валериј Верхушин и секако Могамед Ибрагимов, кој беше првиот освојувач на олимписки медал, бронзен, откако Македонија стана самостојна и независна држава. Во боречката историја ќе останат запишани и златниот медал на Ибрагимов од европските првенства и сребрениот од Светското првенство.
Но во годините кога гореспоменатите асови нижеа резултати, некако во сенка остануваа некои борачи што беа квалитетни, имаа и медали, но не беа толку експонирани. Таков е примерот со Абаз Емини, борач што беше производ на познатата боречка школа на ОУ „Лирија“ од Скопје, која ја предводеше легендарниот Ментас Алајбегу. Овој пат ќе се задржам токму на Емини, кој беше еден од најголемите таленти, кој импресионираше со својата техника и тактика со кои ја водеше борбата. Кај него немаше ништо случајно. Откако уште во почетокот ќе ја почувствуваше силата на противникот и ќе ги откриеше неговите намери, Емини во својата глава веќе ја имаше разработено тактиката за тоа како да се однесува на душекот и како да ја води борбата.

ЗА ТРИ МЕСЕЦИ ПИОНЕРСКИ ПРВАК НА ЈУГОСЛАВИЈА

Емини беше љубопитен и го користеше секој момент да оди во училишната сала и да ги гледа тренинзите што ги реализира тренерот Алајбегу, кому повремено му асистираше и уште еден вљубеник во борењето, Синани.
– За моја среќа, брзо дојде моментот кога Алајбегу, кој ме гледаше како секој ден влегувам во салата и ги следам тренинзите, ми рече: „Кога си веќе постојано тука, зошто не почнеш и ти да тренираш“. Кога ги слушнав овие зборови бев пресреќен, јас токму тоа чекав да ми го каже, па набрзо потоа станав дел од боречката екипа на Лирија. Тој момент никогаш нема да го заборавам, зашто токму тоа го посакував, да станам борач. Подоцна дознав оти Ментас ме следел кога сум се натпреварувал со моите врсници и веројатно открил оти има нешто кај мене што му оставило впечаток и со што сум го привлекол неговото внимание. Така, полека и јас во 1977 година, кога имав 10 години, станав дел од боречката плејада, која подоцна го афирмира не само нашето училиште туку и градот и државата. Почнав организирано да се занимавам со спортот, кој за нас децата од Чаир претставуваше нешто посебно, нешто кон кое приоѓавме со голема љубов. Затоа бев горд и решен да дадам сѐ од себе за да стигнам што подалеку. Интересно е да кажам оти јас уште од мали нозе знаев да се фатам во костец со децата од маалото, а кога почнав да одам на училиште и со соучениците. Во тие борби секогаш бев победник, а дека тие победи не беа случајни покажаа и официјалните натпревари на кои секогаш бев меѓу најдобрите пионери – се сеќава Емини.
Само по три месеци откако во „свои раце“ го зеде Алајбегу, Абаз Емини стана пионерски првак на Југославија. Тоа беше уште една потврда дека талентот во кој се кријат големи потенцијали е роден, само остануваше да се продолжи со интензивни тренинзи.
– Овој резултат ми даде нов импулс. Затоа, верувајте, некогаш се случуваше да останам во салата и по осум часа. Времето го поминував во тренинг, потоа малку забава низ разговор со другарите, за на крајот да ги измерам силите на душекот со моите врсници. Не чувствував никаков умор, борењето ми стана составен дел во моето секојдневие. Толку бев опседнат со овој спорт, така што некогаш се случуваше да не стигнам да одам дури и на ручек. Мислев само на борењето, ги анализирав зафатите, одбраните, тактиката и сѐ што е составен дел на боречкиот спорт. Мојот ентузијазам го забележаа и другите, па, така, имав голема поддршка од нив. Сите тие посакуваа мојата настојчивост да биде наградена. Така, благодарение на она што како млад борач го правев, не останав незабележан и од окото на селекторот Насе Насев. Тој ме имаше во својот список и само го чекав моментот кога ќе бидам повикан во кадетската или младинската репрезентација – вели Абаз.
Но до дресот со националниот грб не се доаѓаше лесно, требаше да помине време на калење, на тренинзи, борби. Дури откако ќе се стекнеше доверба во некого, тогаш му беше отворана вратата на репрезентацијата. Таков беше случајот и со Емини. Иако од 1977 година, кога стана југословенски пионерски првак, беше на списокот на селекторот, дури по три години доби шанса да учествува на еден голем боречки собир во својата возрасна категорија. Тоа беше Светското кадетско првенство во Стокхолм во 1980 година.

ЧЕТВРТИ НА СП ЗА КАДЕТИ ВО СТОКХОЛМ

Абаз Емини беше еден од најредовните и најдисциплинирани борачи на тренинзите. Тој ги стави сите работи во втор план, а приоритет им даде само на борењето и на училиштето. Токму поради ваквиот однос кон спортот беше пример за другите борачи. Неговата посветеност кон борењето беше очигледна, па токму поради тоа беше и награден. Имено, селекторот Насев му даде шанса да настапи на Светското првенство за кадети во Стокхолм.
– Бев многу млад и за оваа конкуренција, но благодарение на инсистирањето на Насев поминав низ сите лекарски прегледи, за на крајот да добијам виза да се борам со повозрасните од мене. Тоа не беше прв случај во боречкиот спорт, зашто пред мене на таков начин успеаја да се спротивстават на повозрасните борачи и Шабан Трстена, а особено Шабан Сејдиу, кој во 1975 година беше еден од најмладите учесници на Медитеранските игри во Алжир. И не е само тоа туку тој успеа да го освои златниот медал во својата категорија и стана најмладиот победник на Игрите. Имајќи го предвид овој факт, и јас бев решен да дадам сѐ од себе и да не ги разочарам селекторот и мојот тренер Алајбегу. Настапив на СП за кадети во Стокхолм и на крајот бев четврти. Во решавачките борби за медал немав среќа и ги загубив последните две битки само со еден поен разлика. Но не бев тажен. Напротив, се уверив дека можам, и тоа беше охрабрувачко за мене. Инаку, на ова првенството, покрај мене, учествуваа уште и Санде Донев и Шабан Трстена, кој го освои бронзениот медал – вели Абаз.
Резултатите на ова кадетско светско првенство беа мотив повеќе стручњаците да ја форсираат оваа „тројка“ и заедно со повозрасните да ја подготвуваат за новите предизвици. Покрај учествата на многуте турнири, следна цел за Емини и за репрезентативните борачи беа Медитеранските игри во Казабланка, во 1983 година. Но, за настапот на најголемиот медитерански спортски собир и за другите постигнувања на Абаз Емини ќе читате идната недела.


Абаз Емини

Роден: 1967 година во Скопје
Кариера: БК Лирија, репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: Двапати вицешампион на Медитеранските игри (Казабланка 1983 и Латакија 1987), трет на ЕП за младинци, четврти на светското кадетско првенство, шест пати шампион на Југославија и четири пати првак на Македонија, двапати победник во својата категорија на Македонски бисер, пласмани меѓу првите тројца на меѓународните турнири во Франција, Швајцарија, Турција, Италија и во Унгарија