Јане Сандански никогаш не работел за присоединување на Македонија кон Бугарија

Токму на денешен датум, Сандански во 1908 година излегол со познатиот Манифест до сите народности во империјата! Манифестот бил лично потпишан и говорен од Јане Сандански. Во него меѓу другото било истакнато: „Не подавајте ѝ се на престапната агитација која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода“

Од историските архиви: 115 години Манифест до сите народности во османлинската  империја

По младотурскиот државен удар од јули 1908 година и во услови кога македонското револуционерно движење се поделило поради отворената соработка на Христо Матов и неговите приврзаници со бугарската влада, припадниците на Серскиот револуционерен округ, предводени од Јане Сандански, направиле неочекуван маневар, кој изненадил многумина. Имено, тие одлучиле да соработуваат со новите османлиски власти, но без да се откажат од крајната цел – независна Македонија.
Бугарската историографија се обидува да ги релативизира ликот и делото на Сандански, како и неговите приврзаници, оттука соработката со младотурците се обидува да ја претстави во црно светло. Имено, некои од бугарските историчари нагласуваат дека Сандански добивал плата од Османлиската Империја и одредени други концесии, но историските извори го негираат тоа. Во еден документ од 14 мај 1909 година се наведува дека главната инспекција на румелиските вилаети го информирала Великото везирство дека платите на Јане Сандански и Христо Чернопеев за март и април не биле исплатени затоа што нивното плаќање не било побарано (Документи за бугарската историја, Том IV…, страница 284). Во суштина, соработката со младотурците Сандански ја искористил за промоција и афирмирање на македонските национални особености, нешто што се потврдува и од тогашниот печат, како што е пишувањето на грчкиот весник „Кери“.


Приврзаниците и истомислениците на Сандански јавно пропагирале зачувување и реформирање на Османлиската Империја, но потајно нивната цел останала иста – создавање македонска држава. Промената во тактиката била условена од опасноста што доаѓала од соседните балкански држави и нивните стремежи за поделба или освојување на Македонија. Прифаќајќи ја политичката борба како средство, еден дел македонски револуционери излегле од својата нелегалност, а во некои револуционерни окрузи, како Солунскиот и Струмичкиот, левицата ги расформирала своите чети и револуционерни групи. Во Серскиот револуционерен округ состојбата била поинаква, Јане Сандански и серчани не ги расформирале четите, кои останале да постојат како легални.

Во Скопскиот и Битолскиот револуционерен округ четите не биле расформирани, a oсобено силни противници на расформирањето на четите биле Христо Матов и Тодор Александров. Македонската револуционерна организација постепено започнала да се легализира, истовремено изјавувајќи дека е готова да се реорганизира и трансформира од конспиративна и воена организација во политичка организација.
На 17 јули 1908 година, Јане Сандански во Неврокоп одржал два говора, најпрво во салонот на училиштето, а потоа пред насобраниот народ од балконот на неврокопската управа, пред собир од 15.000 луѓе. Во првиот говор, Сандански истакнал: „Народе! Собрани денес напладне, ја искажувам својата благодарност, за сите нас, без разлика на вера и народност, си подадовме рака и се прегрнавме, за да ја растераме темнината којашто ги покриваше нашите очи… Денес секој искрен патриот слави… досегашната неподнослива тиранија ја соборивме и отсега натака ќе живееме среќно. Да живее народот! Да живее татковината! Долу тиранијата!“
Во вториот говор, Сандански истакнал: „Вие денес живеете под знамето на еднаквоста, братството и слободата. Султанот и неговите крвопијни орди, коишто ја откраднале слободата на несреќниот народ, денес тој ја сака и за сѐ им бара сметка. Еј, браќа, коишто сме живееле со бугарското име, од денес понатаму сите сме еднакви пред светлиот братски бајрак. Денес сите ние – Турци, Бугари, Грци, Арнаути, Евреи и др. – дадовме клетва дека ќе работиме за милата татковина и ќе бидеме неразделни и сите ќе се жртвуваме за неа и, ако стане нужда…, и крвта ќе си ја пролееме. Просветата најздраво ја гарантира положбата на татковината, затоа отворете училишта! И просветлувајте се!“
Јане Сандански со своите приврзаници пристигнал во Солун. На железничката станица биле пречекани од специјална делегација на младотурскиот централен комитет, на чело со Енвер Беј. Сандански и Енвер одржале говор на балконот на хотелот „Д`Англетер“. Според солунското бугарско агентство, говорот на Јане Сандански бил на чисто интернационалистички принцип и завршил со зборовите: „Долу султанот и сите султани на светот! Да живее слободата“.
По пристигнувањето на Сандански, пристигнала Екатерина Измирлиева – жената на Тодор Паница – заедно со Никола Харлаков, кои биле повикани од Сандански. На 29 јули 1908 год., Хаџи Димов пристигнал во Солун. Слична била состојбата и во Одринскиот вилает, во тој правец е и известувањето на Шанговата „Вечерна пошта“ од 24 јули 1908 год., од кое дознавме дека: „Социјалистите и анархистите брзаат во Одрин“.

Сандански набргу излегол и со познатиот Манифест до сите народности во империјата. Манифестот бил лично потпишан и прочитан од Јане Сандански. Во него, меѓу другото, било истакнато: „Не подавајте ѝ се на престапната агитација која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода.“
Во деновите по објавувањето на Манифестот, Павел Делирадев одржал говор, тврдејќи дека непријатели на слободата на народот се: „султанот, кралот Петар, кралот Ѓорѓи и кнезот Фердинанд“.
Во овој период Јане Сандански во Солун имал интервју со Бранислав Нушиќ за српскиот весник „Политика“. На прашањето за новонастаната политичка состојба, Сандански одговорил: „Идниот живот на малите народи е без никаков услов… И Бугарија и Србија во досегашната работа правеа грешки затоа што се раководеа од своите најтесни интереси. Ним во работата не им беше главна цел да го ослободат овој народ овде, туку нивните себични интереси, проширувањето на нивните држави. По овие случувања, тие ќе останат таму каде што се, а ние овде ќе создаваме татковина.“
Во понатамошниот дел од интервјуто, Нушиќ запрашал: „Се разбира, ова помилување, доколку се однесува за вас и г. Паница, важи само за Турција. Вие во Бугарија не смеете?“ На ова прашање Сандански одговорил: „Во Бугарија не смеам! Меѓутоа и не ми треба. Овде е мојата Бугарија“.
За дејноста на Јане Сандански во овој период, дознаваме и од српскиот дипломатски претставник во Софија – Светислав Симиќ. Тој во својот извештај од 22 јули 1908 год. пишува: „Сандански, под влијание на социјалистичкото учење, се бори против апсолутистичкиот режим во Турција и сака во таа борба да ги обедини сите народносни елементи што трпат од овој режим… за да може што посигурно да успее преку парламентарниот режим во Турција да создаде една федеративна држава. Поради тоа, тој е апсолутно против секаква врска со Бугарија и на секој начин ги одбива нејзината помош и нејзината директива“.

„Сандански… е носител на голема идеја, која треба да ни го привлече вниманието нам, на Грците. Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за санстефанскиот договор и за присоединување на Македонија кон Бугарија“ – грчкиот весник „Кери“

Меѓутоа, Јане соработката со младотурците ја искористил и за афирмирање на македонските национални особености. Според пишувањето на грчкиот весник „Кери“ од 1 август 1908 година, тој не се ограничил само на соработката со младотурците.
Во веќе споменатиот весник „Дневник“ била објавена статијата „Јане и Грците“, во која биле пренесени интересни фрагменти од грчкиот весник „Кери“, во кој од грчки аспект биле апострофирани неколку става на Јане. Во бројот од 1 август 1908 година, во „Кери“ меѓу другото било напишано дека: „Сандански… е носител на голема идеја, која треба да ни го привлече вниманието нам, на Грците. Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за санстефанскиот договор и за присоединување на Македонија кон Бугарија. Едноподруго обнародува прокламации, со кои ги исмева… самите славјаногласни Македонци, кои се стремат за присоединување на македонските земји кон Бугарија… сега Сандански, кој нема никакви односи со луѓето во Софија… се наоѓа во Солун, учи и држи проповеди за заемна дејност на Елините и славјаногласните Македонци. Како што вели, тој ја подава својата десница за соработка помеѓу Елините и славјаногласните за македонската татковина… Македонскиот елинизам има потреба од време и спокојство, за да се развие, а за тие две нешта може да помогне Сандански, кој ќе ги помири Елините Македонци со славјаногласното македонско население. Тој може да помогне… да се вратат тие под Вселенската патријаршија, откако ќе ја напуштат Бугарската егзархија, да ги изучуваат елинскиот јазик и елинската книжевност, да се уништат бугарските училишта и да се отворат други, во кои ќе се изучува славјаногласниот македонски јазик заедно со елинскиот. Тие нешта не се мачни и лесно може да се убеди Сандански, бидејќи се надеваме во неговите македонски погледи и неговото конечно одделување од бугарската борба.“ Д.Ст.