Сите Ф1-тимови од идната година ќе имаат по една возачка во Ф1-академијата

Овој историски момент не само што ја покажува длабочината на поддршката за Ф1-академијата од целата Ф1-заедница туку ќе инспирира цела генерација млади да ги реализираат можностите на патеката и надвор од неа во мотоспортот, рече Волф, управна директорка на Ф1-академијата, која е целосно за жени, и поранешна тест-возачка на Вилијамс во Формула 1

ФОРМУЛА 1

Сите 10 тима во Формула 1 (Ф1) од следната година ќе имаат по една избрана возачка во Ф1-академијата, која е целосно за жени, пишува „Би-би-си“. Секој тим исто така ќе има свој болид и во јуниорската серија за идните тркачки. Управната директорка на Академијата Ф1, Сузи Волф, го нарече ова „значен момент“ за жените во мотоспортот. Академијата годинава е во својата инаугуративна сезона, од следната година нејзините трки ќе се одвиваат на голем број гранпри-патеки низ светот. Годинава само трката за големата награда на САД, во Остин, закажана за октомври, е домаќин на трка на Ф1-академијата.
– Овој историски момент не само што ја покажува длабочината на поддршката за Ф1-академијата од целата Ф1-заедница туку ќе инспирира цела генерација млади да ги реализираат можностите на патеката и надвор од неа во мотоспортот. Придружувајќи му се на календарот на Ф1 за следната година, ќе бидеме домаќини и на настани од Ф1 дискавери пред нашите трки и уверена сум дека долгорочно ќе имаме позитивно влијание во нашиот спорт – рече Волф, поранешна тест-возачка на Вилијамс во Формула 1, која седум години се натпреваруваше во германскиот шампионат за туринг-автомобили, ДТМ.
Серијата на Ф1-академијата има пет тима, секој управува со по три автомобили, кои сочинуваат селекција со 15 возачки. Со оглед на тоа што 10 од тие натпреварувачки в година ќе бидат номинирани од тимовите од Формула 1, раководството на Ф1 во соопштението најави дека преостанатите пет возачки ќе бидат „поддржани од други партнери“, што ќе биде објавено во скоро време, пишува „Би-би-си“.
– Ја создадовме Ф1-академијата за да донесеме вистинска и трајна промена да им обезбедиме на младите женски таленти да го имаат вистинскиот систем за следење и остварување на своите соништа. Денес ова е многу важен момент, бидејќи ги покажува влијанието што го има проектот и поддршката што ја добива од целата Ф1-заедница – вели Стефано Доменикали, претседател и главен извршен директор на Ф1. Н.М.