Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прогнозите на економисти од повеќе земји во светот се во спротивност на очекувањата на меѓународните финансиски институции и централните банки на водечките економии, кои во изминатиот период форсираа рестриктивна монетарна политика, преку зголемувањето на каматните стапки, како главно „средство“ за намалување на инфлаторниот притисок

Глобални прогнози за движењето на инфлацијата и за нивото на цените

Инфлацијата во светот ќе остане висока и во наредните години, а годинава се предвидува глобална инфлација од седум отсто, шест отсто за 2024 година и 4,9 отсто за 2026 година. Ова се очекувањата на економисти од 133 земји, кои учествуваа во истражувањето на германскиот институт „Ифо“ и на швајцарскиот институт „Коф“, кое е спроведено заклучно со почетокот на месец јули годинава.

Предвидувањата од истражувањето спротивни од очекувањата на
централните банки во светот

Прогнозите на економистите од над сто и триесетина земји во светот се во спротивност на очекувањата на меѓународните финансиски институции и централните банки на водечките економии, кои во изминатиот период форсираа рестриктивна монетарна политика, преку зголемувањето на каматните стапки, како главно „средство“ за намалување на инфлаторниот притисок. Според прогнозите на реномираниот германски институт и на реномираниот швајцарски институт, годинава инфлацијата во САД ќе биде 4,6 отсто, во Велика Британија 7,6 отсто, во Германија 5,8, а во Канада 4,4 отсто. На регионално ниво, глобалната инфлација би изнесувала 4,9 отсто во Западна Европа, 13,5 отсто во Источна Европа, 7,9 отсто во Јужна Европа и 7,5 отсто во Северна Европа. За 2024 година, инфлацијата се очекува да биде 3,4 отсто во Западна Европа, 9,5 отсто во Источна Европа, 5,8 отсто во Јужна Европа и 4,8 отсто во Северна Европа. Се очекува следната година да биде 3,5 во Северна Америка и 3,9 отсто во Југоисточна Азија. Дури во 2026 година се очекува инфлацијата да го достигне посакуваното ниво од 2,6 отсто за Западна Европа, седум отсто за Источна Европа, 4,1 отсто за Јужна Европа и 3,5 отсто за Северна Европа.

Прогнозите и очекувањата за инфлациските движења во нашата земја

Прогнозите и очекувањата за инфлациските движења во Македонија засега се во рамките на последната проекција на Народната банка, според која, инфлацијата оваа година би била од 8 до 9 отсто, просечно, годишно, наспроти 14,2 отсто во минатата година.
– Централните банки низ светот се во фаза на водење затегната монетарна политика, за справување со притисоците врз инфлацијата и инфлациските очекувања. Намалената или одложена потрошувачка во периоди на зголемени каматни стапки, при истовремено поттикнување на штедењето, придонесува за враќање на ценовната стабилност на долг рок, што е од клучно значење за животниот стандард на населението. Во моментов, инфлацијата во глобални рамки забавува, но ризиците и натаму постојат и потребна е натамошна внимателност – посочува Анета Крстевска, главнaтa економисткa на Народната банка.
Бизнисмените и граѓаните во Македонија се повнимателни при давањето процени за движењето на инфлацијата и на цените на храната во наредниот период. Причина за тоа се најавените информации за порастот на цените, пред сѐ на пченицата и на оризот на светските пазари, што може да влијае и на пораст на цените на глобално ниво. Поради нечие непридржување кон Меѓународниот договор за жито, наскоро ќе се отежне и увозот на жито од Украина. Како резултат на тоа, цената на житото се зголеми за околу 3 проценти на светската берза и сето тоа ќе се одрази на домашниот пазар со леб, велат домашните пакарски компании. Во исто време, Индија одлучи да воведе забрана за извоз на значителен дел од својот најважен извозен производ – белиот ориз. Како резултат на тоа, испораките на ова жито на светскиот пазар ќе бидат речиси преполовени. Станува збор за големи количества бидејќи таа земја како најголем извозник покрива околу 40 проценти од светскиот пазар. Оваа одлука автоматски донесе страв од натамошна нестабилност на светскиот пазар на храната. На глобалните пазари, цената на нафтата повторно порасна минатата недела, четврти пат по ред.

Со мерките на монетарната политика може да се влијае до одредено ниво за забавување на растот на инфлацијата и цените, но тоа негативно влијае на економската активност

– Притисокот од повисоките цени за храната и енергијата ќе биде поизразен по летниот период. Нема причина за оптимизам кога станува збор за инфлацијата, бидејќи не се отстранети главните причини за нејзиното високо ниво. Војната во Украина продолжува, цената на храната е висока, а може и да расте. Со мерките на монетарната политика може да се влијае до одредено ниво за забавување на растот на цените, но тоа влијае на економската активност. Извесен ризик носи и зголемувањето на платите во јавната администрација за над 30 отсто, што може да предизвика нов инфлаторен бран. И Народната банка на Македонија неодамна предупреди да се внимава на порастот на платите во земјата, поради инфлациско влијание, ни изјави нашиот соговорник, кој е експерт од областа на финансиите.
Граѓаните, како и досега, имаат поинакви очекувања од монетарната власт за движењето на цените, а тоа го чувствуваат и секојдневно кога пазарат, смета Верољуб Дугалиќ, професор на Економскиот факултет во Крагуевац.
– Инфлацијата има способност сама себеси да се „храни“. Луѓето се раководат од сопствениот џеб и се обидуваат да купат нешто повеќе од храна и производи, во очекување дека тоа ќе поскапи следната недела. Тоа ја зголемува потрошувачката, а трговците во своите цени ги вградуваат и сопствените очекувањата дека цените ќе растат. Така, инфлацијата се подгрева и од идните очекувања на граѓаните и на фирмите – објаснува Дугалиќ.
Во последните осум месеци инфлацијата забавува, но многу полека, а тоа е придружено и со забавување кај базичната инфлација. Анкетата во Македонија за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП – јуни 2023 година, покажува надолен тренд на очекувањата за просечната стапка на инфлација, а малку пониски се очекувањата и за растот на БДП. Имено, очекувањата на испитаниците упатуваат на просечна стапка од 9,3 отсто за 2023 година (10,4 отсто во претходната анкета), 5,1 отсто за 2024 година и 3,4 отсто за 2025 година. Голем дел од испитаниците очекуваат поумерени притисоци врз инфлацијата со постепеното стабилизирање на цените нa храната и на енергентите. М.Ј.