За да го доловат есенскиот амбиент и во сопственото училиште, учениците и нивните наставници од ОУ„К.Ј. Питу“ – Кичево создадоа екокатче во училишниот хол, кое на секој одмор ќе ги потсетува на есента, годишно време кога сите плодови созреваат, а златножолтите лисја го завршуваат својот животен циклус.
Благодарение на ученичката инвентивност и на нивните претпоставени, првпат е реализиран ваков проект.
– Во согласност со реализацијата на наставниот план и програма и наставните содржини за оваа учебна година, а по иницијатива на првиот човек на училиштето за уредување на училишниот ентериер, вработените и учениците пристапија кон формирање екокатче, што беше создадено во компилација со училишните идеи. Ова екокатче се уредува во согласност со годишните времиња и други симболики поврзани со наставата и одбележување значајни датуми поврзани со училиштето – истакна Анета Божиноска, директорка на ова училиште.
Во уредувањето на ова екокатче учествуваа 16 ученици од одделенската настава и нивните одделенски раководители и стручни соработници, а се вклучија и ученици од повисоките одделенија со цртање уметнички мотиви и цртежи во училишниот хол.
Од училиштето најавуваат слични активности и за следните годишни времиња, како и за празниците што следуваат, како Нова година и Божиќ.