Откритието е резултат на заштитно-археолошките истражувања, кои се во функција на конзервација на Теодосијанската палата, за чија конзервација Стоби, во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија, доби грант од американската филантропска организација „Каплан фонд“
Најновите археолошки истражувања на Теодосијанската палата во Стоби, која е една од најголемите и најлуксузно декорирани градби што се откриени во овој антички град, открија нов мозаик. Деталите за мозаикот, кој се наѕира во една од просториите и е поставен како централно правоаголно поле, ќе ги откријат деновиве.
Археолозите информираат дека со сигурност се знае дека имаме ново откритие во репрезентативниот објект, кое, според првичните наоди, претставува нов неоткриен бисер на античкиот град, кој е културно наследство и локалитет од особено национално значење.
Откритието е резултат на заштитно-археолошките истражувања, кои се во функција на конзервација на Теодосијанската палата, за чија конзервација Стоби, во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија, доби грант од американската филантропска организација „Каплан фонд“.
Од НУ Стоби информираа дека во рамките на грантот од „Каплан фонд“ во вредност од 300.000 долари за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби годинава се изработуваше основен конзерваторски проект за архитектурата, како и основен конзерваторски проект за мозаичните подови на овој луксузно декориран резиденцијален објект.
– Проектот претставува еден од првите чекори на имплементација на мастер-планот за конзервација на Стоби изработен во периодот меѓу 2019 и 2021, исто така, во соработка со „Балканско наследство“, поддржан од „Ј.М. Каплан фонд“ од САД. Проектот за Теодосијанската палата ќе ги следи насоките од мастер-планот за конзервација на Стоби. Во него ќе бидат вклучени конзервација и реконзервација на архитектонските остатоци, во соработка со меѓународен тим од експерти предводени од Џон Стјуарт и Греам Абри од Велика Британија – рече Спасе Перовски, директор на НУ Стоби.
Тој додаде дека меѓународните експерти, исто така, ќе бидат задолжени за едукација на експерти (конзерватори, археолози и менаџери на културно наследство) од Македонија и од регионот, а ќе биде издаден и прирачник што ќе вклучува препораки и насоки за понатамошно одржување на археолошкиот локалитет Стоби.