Краткометражниот игран филм „Имиња“ во режија на Јане Спасиќ беше премиерно прикажан во рамките на 22-то издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Филмот е во продукција на „Арт проект лаб“,и се снимаше во јуни 2022 година, во средното училиште „Лазар Танев“ во Скопје. Во филмот главните улоги ги играат Драгана Костадиновска, како и три деца актери: Јаков Павлов, Георгиј Негриевски и Петар Царановиќ. Во епизодните улоги се појавуваат актерите Тамара Ристоска, Златко Митрески и Ангела Стојановска.
Директор на фотографија е Дејан Димески, сценографи се Срѓан Митровиќ и Михаил Пaнев, костимограф e Раде Василев, шминката и фризурата се на Жанета Димитриевска, дизајнот на звук е на Дарко Спасовски, а монтажер е Горјан Атанасов. Продуцентка на филмот е Емилија Чочкова, која е и косценаристка заедно со Саше Тасев и Огнен Георгиевски.
Филмот се реализира со финансиска поддршка на Агенцијата за филм, a снимањето покрај од СУГС „Лазар Танев“ беше помогнато и од „Круг филм“, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за одбрана, Генералштабот – Армија на РСМ, JЗУ СБГА „Мајка Тереза“ – Чаир и Црвениот крст – социјално претпријатие „Копче“.
Кога Марко и неговата мајка ќе пристигнат во прифатен центар за бегалци полн со деца, жени и стари луѓе, момчето запознава двајца другари, кои му објаснуваат дека е само прашање на време кога војниците ќе донесат кутија за чевли, полна со предметите на некој од нивните татковци, кои загинале во војната. Штом ќе се сместат во центарот, едно од децата му открива на Марко дека училницата во која се сместени е проколната: смртта ќе ги посети оние чие презиме е на вратата и тие најверојатно ќе добијат кутија. Марко станува опседнат со звукот на војничкиот џип, кој ја носи кутијата од која сите се плашат и смислува план за да ја надитри смртта.