Фото: Архива

Деновиве, градските власти го објавија јавниот повик за доделување поединечна субвенција на социјално загрозени категории граѓани, жители на градот Скопје, за замена на азбестните покриви со енергетско ефикасни покриви за 2023 година. Најмногу плаши фактот што не се знае точната бројка на приватни објекти што сѐ уште имаат азбест, а не спаѓаат во категоријата социјални граѓани за да поднесат барање за субвенција, но сепак немаат доволно финансиски средства за да го направат тоа сами

Скопје никако да се ослободи од азбестните канцерогени покриви на објектите

Не е доволно само да се градат енергетски ефикасни објекти и да се прават напори тоа да се постигне и кај постарите згради, ако не се отстранат и азбестните покриви, кои, според мислењето на експерти, претставуваат опасност по здравјето на луѓето. За жал, тие се ставани и на индивидуални објекти и на институции, меѓу кои и основни училишта и градинки.
Скопје, за жал, нема регистар за тоа колку азбестни покриви има на објектите во градот, иако во најголем број од училиштата и градинките, азбестните покриви се заменети, сепак, има и такви за кои општинските власти сѐ уште не успеале да обезбедат средства за нивна замена.

ПОВИК ЗА СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИТЕ

Деновиве, градските власти го објавија јавниот повик за доделување поединечна субвенција на социјално загрозени категории граѓани, жители на градот Скопје, за замена на азбестните покриви со енергетско ефикасни покриви за 2023 година.
Средствата што Град Скопје ги субвенционира се во висина од најмногу 50 отсто од вредноста на инвестицијата.
– Право на учество на јавниот повик имаат социјално загрозени категории граѓани, жители на градот Скопје, кои ќе ги заменат азбестните покриви со енергетско ефикасни покриви, ги исполнуваат условите од Јавниот повик и ја доставиле потребната документација.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, барателот е должен да поднесе пополнето барање, доказ дека припаѓа на една од социјално загрозените категории, нотарски заверена изјава, имотен лист, фотографија од постојниот азбестен покрив, договор со изведувач за замена на покривот, како и копија од трансакциска сметка – информираат од Градот.
Потребната документација, барателите ја поднесуваат до комисијата преку архивата на Град Скопје (барака 16) во затворен плик со назнака: До Сектор за заштита на животната средина – Комисија за доделување на субвенции за замена на азбестните покриви, секој работен ден од понеделник до петок, во периодот од 8:30 – 15 часот.
Јавниот повик ќе трае од денот на објавување до 31 август 2023 година или до исцрпување на средства предвидени за таа намена.

И ЈАВНИ И ПРИВАТНИ ОБЈЕКТИ СЀ УШТЕ ИМААТ АЗБЕСТ

Од истражувањето што го направивме, за тоа кои објекти на градот имаат азбестни покриви, дојдовме до заклучок дека установите што се под директна градска надлежност немаат азбестни покриви. Сите тие со текот на годините успешно биле заменети.
Општините се борат со азбестните покриви. Во некои општини, како што е Центар, одамна нема објекти со азбестни покриви, а во некои, пак, најголемиот дел од објектите сѐ уште имаат азбестни покриви.
Сепак, со оглед на тоа што азбестот мора да се замени, факт е дека во периодот што доаѓа, општините етапно ќе изнаоѓаат начини целосно да ги исфрлат азбестните покриви од употреба.
Најмногу плаши фактот што не се знае точната бројка на приватни објекти што сѐ уште имаат азбест, а не спаѓаат во категоријата социјални граѓани за да поднесат барање за субвенција, но сепак немаат доволно финансиски средства за да го направат тоа сами.
– Еве јас не сум социјално загрозен граѓанин. Работиме заедно со сопругот, меѓутоа и двајцата земаме минимални плати. И сега како јас да заменам, кога едвај врзувам крај со крај? Едвај преживувам, со две деца на училишна возраст едвај врзуваме крај со крај. Менувањето на азбестниот покрив за нас е луксуз. Кредит не можеме да земеме, бидејќи ќе немаме како да го враќаме – вели жителка на Бутел, која сакаше да остане анонимна.

Азбестот предизвикува малигни заболувања

Азбестот, или попознат како тивкиот убиец, е материјал за кој е докажано дека има канцерогено дејство и влијае врз здравјето на луѓето. Токму затоа што поскоро тие треба да се отстранат од човековата околина. Азбестот е руда, влакнест минерал што се користел како топлотен и електричен изолатор. Во минатиот век наоѓал широка примена во градежништвото, па од него се изработувале покриви, подови, ѕидови, топлотна изолација, цевки за водовод и канализација. Многу истражувања од претходниот век докажуваат дека азбестот е канцероген, што значи дека кај луѓето сигурно предизвикува малигни заболувања и смртност, а тоа го наведуваат и истражувањата на Светската здравствената организација (СЗО). СЗО и другите меѓународни организации, како Меѓународната организација за труд и Меѓународната агенција за истражување рак, ја имаат забрането употребата на азбест.
Едно од посериозните заболувања што може да ги предизвика азбестот е азбестозата, рак на белите дробови и на грлото.
– Азбестот има штетни ефекти врз белите дробови и обвивката на белите дробови. Овој штетен материјал може да предизвика заболувања како азбестоза и плаки, но и многу посериозни заболувања, како малигни тумори на обвивката на белите дробови или попознат како мезотелиом. Односно, азбестот е докажан хуман канцероген. Овие заболувања може да се јават по долг латентен период од работна средина и животна средина. Кај работниците што порано работеле со азбест и понатаму во животот постои ризик за јавување на овие заболувања – ни изјави во една пригода д-р Јордан Минов од Институтот за медицина на трудот.
Министерството за животна средина за заштита и превенција од болестите што може да ги предизвика азбестот имаше објавено и правилник за начин на постапување со отпад од азбест и со отпад од производи што содржат азбест. Во овој правилник, како производи што содржат азбест се наведени: азбестен цемент или производи од азбестен цемент, производи на азбестна фракција, азбестни филтри, азбестен текстил, азбестна хартија и картон, азбестни спојки, пакувања и материјали за арматура, азбестни прекривки за под, азбестни плочи и слично. Правилникот дефинираше и точно одредени правила за тоа како овие производи треба да се транспортираат, пакуваат и отстрануваат од градбите, секако поради нивното високо ниво на токсичност и штетност по човековото здравје. Но треба да се истакне дека само процесите и постапките со кои се придвижуваат азбестните производи се потенцијално штетни.
И проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во една пригода истакна дека најголем еколошки проблем во земјава е присуството на азбестот како градежен материјал.
– Одговорно тврдам дека еден од најголемите еколошки проблеми, можеби најголем, во државата е присуството на азбест во градежен материјал и оној што се наоѓа во разни други материјали во животната и работната средина во разни установи, згради и куќи. Другите еколошки проблеми се најчесто локални, а присуството на азбест е општо, имено, го има насекаде околу нас во кое било населено место. Јас и професорот Блажо Боев од Универзитетот во Штип за потребите на Град Скопје во 2008 година имаме направено обемна студија/анализи за присуство на азбест во 21 јавна установа (градинки, училишта, факултети и други јавни објекти) од подрачјето на градот Скопје. Од направените анализи, само во два објекта не е најдено присуство на азбест, а од земените 50 проби (покриви, тавани, sидови и подови), во 33 најдовме азбест. Овие резултати се повеќе од вознемирувачки. Дадовме краткорочни, среднорочни и долгорочни препораки за отстранување на азбестот од животната и работната средина на подрачјето на градот Скопје, но, за жал, оттогаш никој повеќе нема контактирано со нас за што било во врска со оваа проблематика. Секако, проблемот не исчезна туку се зголеми, а изгубено е драгоцено време од 14 години – нагласи тој.

[email protected]