Владата и Министерството за здравство ќе ја забрзаат постапката за изградба на новата Клиничка болница во Штип, којашто требаше да биде пуштена во употреба уште пред две години, но поради судски процеси и банкроти на фирмите кои работат на неа изградбата оди со забавено темпо.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Владата донесе законска одлука врз основа на која ги задолжи и министерствата за здравство и финансии и другите институции по најитни постапки да направат ревизија на проектот, до каде се изведени градежните работи и веднаш да се отпочне постапка за изнаоѓање на изведувач којшто ќе ја доврши Клиничката болница во Штип.
-Во меѓувреме, заради инфлацијата на градежните материјали и напредокот на техниката итн., проектот којшто имало веќе анекси потпишувани во минатото за него, исцрпени законските можности за продолжување на проектот по договорот којшто бил потпишан во минатото, а за кои се воделе судски постапки, помеѓу компаниите вклучени во изведбата, на состанок помеѓу сите надлежни институции, и тука мислам од Јавно правобранителство, до надлежните министерства и институциите коишто се вклучени во оценката на спроведувањето на процедурата – вели Ковачевски.
Забележа дека императив е да има нова болница во Штип, којашто им е потребна на граѓаните на Штип, меѓутоа и на околните места.
-Јас сум сега во Свети Николе и Свети Николе ја користи болницата во Штип, ја користи и Кочани, ја користат и други населени места во околината Штип и тоа го заслужува македонскиот исток – рече Ковачевски.
Пред две години Банката на Советот на Европа која беше финансиер на изградбата на Клиничка болница Штип се повлече, а финансирањето за градба на овој објект продолжи со средства од буџетот на Владата.