Лидерите на НАТО на нивниот самит следната недела во Вилнус ќе потврдат дека Украина еден ден ќе стане членка и ќе се договорат за начините како да ја доближат до таа цел, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

– Очекувам дека лидерите ќе потврдат дека Украина ќе стане членка и ќе се договорат за начините за приближување на Украина до таа цел. Ќе испратиме јасна порака од самитот – НАТО е обединет и на Русија нема да ѝ се исплати агресијата – рече Столтенберг на прес-конференција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара од НАТО цврсти ветувања дека Украина ќе стане членка откако ќе заврши војната што ја започна Русија.

Генералниот секретар рече дека се работи на текст кој ќе биде усвоен на самитот и во кој сојузниците ќе ја истакнат својата подготвеност да понудат безбедносни гаранции за Украина.

Во Вилнус ќе се одржи првиот состанок на Советот НАТО-Украина, нова платформа, што значи зајакнување на статусот на Украина во односите со НАТО. Претходната соработка беше институционализирана преку Комисијата НАТО-Украина, во чии рамки Киев не можеше да соодлучува за прашања од заеднички интерес.

За разлика од тоа, Советот НАТО-Украина ќе биде платформа за консултации и одлучување во која Украина ќе учествува подеднакво во областа на заедничките безбедносни прашања.

Се очекува Зеленски да присуствува на основачкиот состанок на Советот НАТО-Украина, изјави генералниот секретар Столтенберг.

Тој додаде дека лидерите на НАТО ќе ја потврдат повеќегодишната програма за помош на Украина, која ќе им овозможи на нејзините сили да бидат интероперабилни со силите на Алијансата.

Лидерите на 31 земја-членка на НАТО се среќаваат следните вторник и среда на самитот во Вилнус. Едно од поважните прашања што се обидува да се реши пред самитот е како да се отстрани турската блокада за членството на Шведска во НАТО.