Судијата Наке Георгиев од Врховниот суд и судијката Антоанета Димовска од Основен граѓански суд Скопје, ќе се најдат на кандидатските листи за избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите.
Судскиот совет објави дека Комисијата за подготовка на кандидатски листи по огласот за избор на членови на Советот објавен во „Службен весник“ бр.120/23 изготвил две општи листи и тоа:
I. ОПШТА ЛИСТА за кандидат од Врховниот суд
Наке Георгиев, судија на Врховниот суд
II. ОПШТА ЛИСТА за кандидат од апелационо подрачје Скопје и од управните судови
Антоанета Димовска, судија на Основен граѓански суд Скопје
– Кандидатите кои не се евидентирани на кандидатските листи имаат право на приговор до Советот во рок од 48 часа од објавување на кандидатски листи согласно член 13 став 4 од Законот за Судскиот совет („Службен весник“ бр.102/19) – се вели во соопштението од Судски совет.
Утврдувањето на кандидатските листи за избор на членови на Судскиот совет и тоа за еден член од редот на судиите од апелационо подрачје Скопје и еден член од редот на судиите од Врховниот суд, ќе се најдат на дневен ред на 448-та седница на Судскиот совет, која е закажана за утре.
Судскиот совет, утре на седница ќе треба да одлучува и за формирање на Комисија за спроведување на избор за членови на Судскиот совет од редот на судиите, како и за донесување на решение за спроведување на избор на членови на Судскиот совет.