Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нивните спортски достигнувања зборуваат за нивната големина и ние сме горди што им оддаваме признание на играчите што ја обликуваа нашата игра, изјави Михаел Видерер, претседателот на ЕХФ, на отворањето на Куќата на славните, кога ЕХФ прими шеесетина заслужни имиња од овој спорт, меѓу кои и Балиќ, Илиќ, Смајлагиќ, Шкрбиќ, Штербик, Јиха, Кречмар, Јакобсен, Томас, Висландер, Омејер, Динар, Душебаев, Аморим-Талеска, Алтхаус, Петровиќ, Горбиц, Андерсен, Локе…

РАКОМЕТ

Македонскиот ракометна легенда Кирил Лазаров влезе во Куќата на славните на Европската ракометна федерација (ЕХФ), заедно со уште шеесетина заслужни имиња од овој спорт. Поводот за отворање на Куќата на славните е 30-годишното постоење на ЕХФ. Манифестацијата се одржа во Виена (Австрија), а присуствуваше и претседателот на Македонската ракометна федерација (РФМ), Живко Мукаетов.
Лазаров, кој е селектор на репрезентацијата на Македонија, како и тренер во РК Алкалоид, е единствениот Македонец што се најде на оваа листа. Од Балканот во Куќата на славните на ЕХФ влегоа и, на пример, Ивано Балиќ, Момир Илиќ, Ирфан Смајлагиќ, Драган Шкрбиќ, Арпад Штербик…, а од другите и Филип Јиха, Стефан Кречмар, Николај Јакобсен, Виктор Томас, Магнус Висландер, Тиери Омејер, Дидие Динар, Талант Душебаев… Кај ракометарките во Куќата на славните се, на пример, и Едуарда Аморим-Талеска, Ања Алтхаус, Бојана Петровиќ, Анита Горбиц, Камила Андерсен, Хајди Локе…
– Среќни сме што ги почитуваме легендите на нашата игра на кулминацијата на 30-годишнината од европскиот ракомет. Воведувањето на наградите за извонредност на ЕХФ и Куќата на славните ги става во центарот на вниманието најдобрите играчи во сезоната и им оддава почит на оние што оставиле белег во ракометот. Нивните спортски достигнувања зборуваат за нивната големина и ние сме горди што им оддаваме признание на играчите што ја обликуваа нашата игра – изјави Михаел Видерер, претседателот на ЕХФ.
Лазаров секаде каде што играше (Овче Поле, Борец, Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант) остави неизбришлива трага со своите шутерски проектили, тресејќи ги мрежите, поставувајќи рекорди. Лазаров освои 56 клупски трофеи, 18 пати беше национален првак, а националниот Куп го освои 19 пати. Најголемиот успех го постигна со Барселона, кога триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2015 година. Боите на Македонија ги бранел 236 пати и постигнал 1.728 гола, а најголемиот успех му е на ЕП 2012, кога со Македонија го освои петтото место. На СП три години пред тоа постигна 92 гола, рекорд што уште е во негова сопственост, а останува и најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите (1.363 гола). Г.И.


РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
Еурофарм Пелистер во силна група со Киелце, ПСЖ, Кил…

Македонскиот ракометен шампион и претставник во новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), Еурофарм Пелистер, се најде во силна група по ждрепката влечена во Виена. Еурофарм Пелистер во новата сезона во ЛШ ќе игра во групата А, а за ривали ги доби полски Киелце, француски ПСЖ, германски Кил, дански Алборг, унгарски Сегед, хрватски Загреб и норвешки Колштад. Клубовите што ќе бидат на првите две позиции во своите групи директно ќе се пласираат во четврт-финалето, а оние пак што ќе бидат од третото до шестото место во групната фаза ќе играат во осминафиналето. Прв противник на македонскиот првак во новата сезона на ЛШ ќе му биде Загреб, во Битола.
ГРУПА А: Киелце, ПСЖ, Кил, Алборг, Сегед, Еурофарм Пелистер, Загреб, Колштад
ГРУПА Б: Барселона, ГОГ Гудме, Веспрем, Магдебург, Висла, Монпелје, Порто, Целје.