Додека африканските земји бараат да ја редефинираат својата улога во променливиот глобален пејзаж, тие треба да продолжат со неврзаноста и да се стремат да помогнат во обликувањето на правилата на идниот светски поредок
Проактивна улога на земјите од Африка во новиот светски поредок
Несомнено е дека светот минува низ огромни промени. Со оглед на тоа што мултилатералниот систем по 1945 година и „Пакс американа“, кој го поткрепуваше, полека но сигурно опаѓа, африканските земји имаат можност да ја редефинираат својата улога во светскиот поредок. Тие сè повеќе гледаат на исток кон новите и старо-новите сили за партнерства. Но додека го прават тоа, треба да се погрижат да не преминат од едно во друго несреќно партнерство.
Африканските земји долго време се незадоволни од постојниот мултилатерален систем, на кој му се приклучија како почитувачи на правилата од огромна колонијална територија под доминација на различни европски сили. Поради историјата и современите искуства од африканските партнерства со Западот, земјите од континентот со право се огорчени од неговото перципирано политичко, економско и културно наметнување, двојните стандарди и условената поддршка. Но денес Африка може да се пофали со 55 земји-членки на Обединетите нации, огромни дарови со природни ресурси, претежно младо население и силни изгледи да стане следниот центар на глобалниот економски раст, што ја прави добро поставена да учествува во заедничкото креирање на правилата.
Погледот се врти од Запад кон Исток
Различни африкански политички лидери ја прифатија ерозијата на долготрајната и неприкосновена хегемонија на Западот во глобалните односи и појавата на различни алтернативни центри на моќ и влијание како можност да се спроведе нов избор во меѓународните односи, остварувајќи партнерства со различни земји, кои ќе им служат на нивните националните интереси. Етиопија, на пример, ги прифати кинеската помош и инвестиции, додека продолжи да ја користи западната развојна помош.
Многу африкански лидери погледот веќе го вртат на Исток, кон Кина, Индија, Турција и други (повторно) растечки сили за партнерство. Зимбабве беше првата што официјално ја усвои „Политиката кон Истокот“ во 2003 година, кога САД и Европската Унија (ЕУ) воведоа санкции против наводниот напад на владата врз човековите права и владеењето на правото и почнаа тесно да соработуваат со Кина како стратегиски, економски, воен и политички партнер. Кина сега е најголемиот трговски партнер на Африка, со увоз од 117,51 милијарди долари од континентот и 164,49 милијарди долари извоз кон неа во 2022 година.
Некои претпоставуваат дека партнерствата со Истокот ќе бидат порамноправни, помалку патерналистички и условени, но и дека повеќе ќе ги почитуваат принципите на немешање и суверената независност на државите. Со диверзификација на нивната соработка со земјите од Истокот, африканските политичари се надеваат дека ќе ги намалат ранливостите што се поврзани со едностраната зависност од Западот. Така, тие почнаа да присуствуваат на периодични состаноци на ниво на самити со нови центри на моќ, како Кина, Индија, Русија и Турција. Африканските политичари го направија тоа додека продолжија да учествуваат на самити со ЕУ, САД, Франција и Јапонија. Заедно со проширувањето на трговијата со Истокот, се зголемија и помошта за развој и комерцијалните заеми, поддржувајќи ја главната агенда за развој на домашната инфраструктура на Африка.
Внимателно со мултиполарноста
Мултиполарноста им овозможува на земјите од континентот да покажат поголема акција во одредувањето на сопствените работи. Сепак, би било фатална грешка за африканските лидери да претпостават дека некоја од новите или старо-новите сили во меѓународниот систем е водена од алтруизмот во своите надворешни односи. Без разлика дали се стари или нови, дали го зголемуваат или губат влијанието, сите држави имаат јасно дефинирани интереси, кои се обидуваат да максимално да ги искористат. Додека новите или (повторно) растечките сили бараат стратегиски влез во континентот богат со ресурси и вредни средства од глобален интерес, како што е Африка, тие се претставуваат себеси како нов пристап кон меѓународните односи и партнерства или нудат многу подобар пакет на „пријателство“ и „солидарност“ од постарите партнерства.
Ако континентот сака и тој да учествува во поставување на правилата во новиот светски поредок, тој треба да усвои поизразен пристап. Во спротивно, во обидот да излезат од несреќните елементи на нивните постојни партнерства, африканските земји би можеле да завршат со други несреќни партнерства што се делумно, па дури и целосно експлоататорски. Освен ако не се разумни во организирањето на нивните меѓународни односи околу сопствените интереси, тие ризикуваат да бидат сведени на пиони меѓу конкурентните сили во мултиполарниот свет.
Некои коментатори тврдат дека Африка веќе ги трпи последиците од ангажирањето во поконкурентен мултиполарен свет без јасна визија и цел. Различни центри на моќ, од ЕУ и САД до Индија, Турција, Русија и Обединетите Арапски Емирати, се натпреваруваат за природните ресурси, пазарите и воените бази на континентот. Додека тие бараат начини да ги приклучат африканските земји во своите глобални геополитички шеми, регионот станува поделен, поткопувајќи го неговиот капацитет за координирана колективна акција.
Неврзаноста е клучот за напредок
Сепак, и покрај бавното темпо досега, не е доцна континентот да одигра силна и автономна улога во дефинирањето на правилата на новиот светски поредок. За да го сторат тоа, африканските лидери треба да избегнат да станат приврзаници на кој било центар на моќ и, наместо тоа, да се стремат кон неврзаност што ги става во преден план суверенитетот на континентот и безбедноста, благосостојбата и слободата на неговите народи. Еден очигледен начин да се направи тоа е да се развијат заеднички позиции за различни прашања од интерес.
Африканските земји исто така треба веднаш да почнат да ги дефинираат предлозите за принципите, вредностите и правилата што функционираат за нив во контекст на новиот светски поредок. За да се случи тоа, им треба визија за лидерство на национално и на континентално ниво и раскинување со парадигмите за развој и владеење наследени од колонијалното минато што ја префрлаат Африка во ексклузивна улога на извозник на евтини суровини во светот и увозник на прескапи готови производи. Тие исто така имаат потреба од зголемени инвестиции во координирана континентална акција под покровителство на соодветно обновената Африканска унија и подготвеност да преземат многу похрабри колективни дејства со цел да побараат заслужено место за Африка во глобалните системи и процеси на управување.
Преземајќи проактивна улога во создавањето на новиот светски поредок, африканската дипломатија би можела да ги ублажи опасните ривалства што му се закануваат на светот. Пред сè, Африка не смее да носи синдром на зависност во новиот глобален поредок. Време е континентот да се залага за себе.