КОШАРКА, АБА – ЛИГА

Кошаркарите на белградски Партизан, предводени од искусниот стратег Жељко Обрадовиќ, ја освоија рекордната седма титула во АБА-лигата, откако во петтиот решавачки натпревар од финалната серија прв до три победи (3-2), ја совладаа пред своите навивачи Црвена звезда со 96-85 (30-18, 24-16, 21-34, 21-17), која зад себе има шест вакви титули. Последен пат Партизан славел во ова натпреварување пред 10 години, во 2013-та. Со оваа титула црно-белите изборија директно место во Евролигата за следната сезона.
Кевин Пантер, кој беше прогласен и за најкорисен играч (МВП) на финалната серија, беше најефикасен, со 32 уфрлени поени, пред Зак Ледеј со 15, а Џејмс Нанали заврши со 12 поени, додека кај црвено-белите, Огњен Добриќ даде 18, Бен Бентил 12, а Факундо Кампацо реализира десет коша.
Партизан на овој натпревар постави нов рекорд во АБА-лигата кога станува збор за присуство на публика. Имено, овој меч на трибините го следеа 22.198 гледачи и на тој начин ги надмина претходните две средби со Црвена звезда во оваа финална серија, кога на трибините во белградската арена „Штарк“ присуствуваа 18.477, односно 18.324 гледачи. Г.И.