Фото: Пиксабеј

Потврден е нов, изолиран случај на болеста африканска чума кај питомата популација свињи во село Петралица, општина Ранковце, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Според АХВ, Петралица се наоѓа во високоризичната зона во однос на африканската чума. Станува збор за нерегистрирано и неевидентирано одгледувалиште каде за сопствени потреби се чувале три свињи од кои две угинале и каде не биле спроведени биосигурносни мерки.

Во текот на денешниот ден, донесено е решение за контролни и заштитни мерки во однос на болестa африканска чума кај свињите и извршена е депопулација на 1 свиња (од трите кои се одгледувале), а спроведени се и мерки за чистење и дезинфекција.

– Заштитни и контролни мерки за спречување на ширење и ставање под контрола на болеста ќе бидат спроведени и во контактните одгледувалишта. За повторната појава на болеста официјално ќе биде известена и Светската организација за здравствена заштита на животните – WOAH и Европската комисија. Воспоставени се заштитна зона во радиус од 3 км околу потврденото жариште коja гo вклучува населеното место Петралица, општина Ранковце и зона под надзор во радиус од 10 километри. Во заштитната зона ќе се спроведат мерки за одземање, убивање и нештетно отстранување на сите свињи кои се наоѓаат во одгледувалиштата каде болеста ќе биде потврдена, како и во сите контактни одгледувалишта, освен во комерцијалните одгледувалишта кои се категоризирани со низок ризик во однос на имплементираните биосигурносни мерки. За одземените и нештетно отстранети свињи одгледувачите ќе бидат обесштетени согласно Законот за ветеринарно здравство и Упатството за определување на пазарна вредност на животните кои се одземаат – информира АХВ.

Агенцијата најавува и дека ќе се спроведе епидемилошко испитување за да се утврди можниот извор и евентуалното ширење на болеста, како и попис и идентификација на сите свињи во одгледувалиштата во рок од 7 дена во заштитната и 15 дена во зоната под надзор. Свињите од зоната под надзор ќе се пратат на економско искористување со колење во одобрена кланица. Од закланите свињи ќе се земаат мостри заради официјална потврда на присуство или отсуство на вирусот на болеста. Кланицата ќе им исплаќа надомест за закланите свињи на сопствениците во висина на кланичната вредност, утврдена со договор. За закланите свињи Агенцијата ќе ја исплаќа разликата од проценетата пазарна вредност.

– Забрането е чување на свињи на отворено. Сите свињи кои ќе се затекнат на отворено, без оглед дали се наоѓаат во заштитната или зоната под надзор ќе бидат одземени и нештетно отстранети на товар на сопственикот на животните без надомест. Доколку свињите се чуваат во објект со испуст и во двете зони, објектот мора да биде обезбеден со двојна ограда со минимална висина од 1,5 метри и растојание меѓу двете огради од најмалку еден метар. Опасноста од ширење на болеста не е помината и затоа АХВ апелира до огледувачите на свињи да водат сметка и да ги одржуваат биосигурносните мерки на фармите, ловните друштва да ја почитуваат обврската за пребарување на угинати диви свињи на ловиштата, бидејќи како и во минатото, дивата популација е главниот резервоар на вирусот на болеста африканска чума кај свињите – наведува АХВ.

Агенцијата апелира, бидејќи е време на летни одмори, граѓаните да не носат храна од животинско потекло, особено не месо и производи од свинско месо.

– Африканската чума исклучително лесно и брзо се пренесува и шири, не постои вакцина и може да му нанесе огромни штети во свињарството – потсетува АХВ.