РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА И УТРЕ ФАЈНАЛФОР ВО ЛИГАTA НА ШАМПИОНИТЕ

Бранителот на титулата, Барселона, во првото полуфинале, денеска (15.15 ч.) игра со дебитантот на фајналфорот, Магдебург, а во второто полуфинале ќе играат ПСЖ и Киелце (18 ч.)

Често се вели дека аутсајдерите се фаворити во арената „Лансекс“ во Келн во завршницата на Лигата на шампионите (ЛШ). Дали тоа може повторно да биде вистина, ќе биде познато утре. Бранителот на титулата, шпанска Барселона, во првото полуфинале, денеска (15.15 ч.) игра со дебитантот на фајналфорот, германски Магдебург. Во второто полуфинале ќе играат француски ПСЖ и полски Киелце (18 ч.).

Барселона е непоразена на 25 меча во ЛШ и победник е на претходните две финалиња во Келн. Магдебург сигурно нема да се предаде, уште повеќе што доаѓа од држава каде што ракометот има најсилна лига. Не треба да се заборави ни фактот што Магдебург, трикратен европски првак (1978, 1981, 2002 година) успеа лани во октомври да ја победи Барселона во финалето на турнирот Суперглоуб (неофицијално СП), по продолженијата (41-39). Но тоа не беше првпат Магдебург да слави над шампионот во ЛШ, оти тоа го стори и во финалето на Суперглоуб во 2021 година (33-28). Од трите порази на Барселона во претходните две сезони, два се токму од Магдебург, кој е во ЛШ по 17 години отсуство. Магдебург триумфира во Европската лига во 2021 година и се пласира во финалето на истото натпреварување во 2022 година. Во четврт-финалето на ЛШ, во реваншот ја совлада Висла, предводена од десниот холандски бек Кеј Смитс, кој одигра маестрално, дури со 14 гола. Но Барселона, предводена од најдобрата голманска двојка Гонзало Перез де Варгас и Емил Нилсен, има победничка традиција. Патем, Барселона е единствениот клуб што откако се игра фајнлфорот успеа да ја одбрани титулата.

Со своите четири освоени титули во ЛШ, Талант Душебаев останува вториот најкрунисуван тренер во ЛШ, зад Валеро Ривера и неговите шест трофеи. Неговите синови Алекс и Даниел, но и Игор Карачиќ, Андреас Волф, Аркадиуш Морито и Артем Каралек беа присутни минатата сезона кога Киелце стигна до финалето. Летонецот Даинис Кристопанс, кој игра за ПСЖ, имаше успешна реализација од 80 отсто од своите обиди за гол, што е досега најдобар резултат за кој било играч сезонава во ЛШ. Тој со 80 гола е и втор стрелец во ПСЖ сезонава, без ниеден шут од седум метри. Ланилето клубот го напуштија Винсент Жерар, Недим Ремили и Беноа Кунку, но шпанскиот стратег Раул Гонзалес успеа да изгради тим што може да стигне до врвот на ЛШ, победувајќи ги Веспрем, Магдебург, Кил. Легендарниот Никола Карабатиќ не ќе може да им помогне на соиграчите поради повреда, но ако ПСЖ триумфира, тој ќе ја освои четвртата титула со четири различни клуба. Г.И.