Хуманитарен концерт на класична музика за 15-годишната охриѓанка Сара Настеска, на кој ќе гостуваат реномираните руски уметници, пијанистот Александар Синчук и флејтистот Aртем Науменко, ќе се одржи на 11 ноември во црквата „Света Софија“ со почеток во 19 часот. Ќе бидат изведени дела од Бах, Доплер, Рахманинов и др. композитори.
Концертот, кој е во организација на „Охридско лето“, ќе биде бесплатен за посетителите, а на влезот од црквата ќе биде поставена кутија за донации, каде што тие ќе можат да дадат свој придонес.
Александар Синчук е роден во градот Находка, Русија. Уште како студент на Московскиот конзерваториум станува лауреат на многу престижни натпревари по пијано.
Артем Науменко е роден во Саратов, Русија. Тој меѓу другото е победник на Меѓународниот натпревар во Падова во категориите дувачки инструменти и виртуози во 2007 година. Науменко ја доби наградата Национален триумф и беше прогласен за млад победник во областа на литературата и уметноста во 2007 година.