Оперската дива, сопранот Анџела Георгиу од Романија, заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија и под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија, на 12 јули, во Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека секое успешно издание на фестивалот започнува со најголемите, најславни и највозвишени уметници.
– Анџела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција – рече Поповиќ.
Најавувајќи ја програмата на годинешното издание, таа појасни дека големо име ќе има и во драмскиот дел од програмата.
– Големо име имаме и во делот на драмската програма, светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович. Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер, „Вечер на Џон Малкович“, во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија, е најексклузивниот гостин што ќе се запише во листата на најголемите уметници што настапиле низ фестивалската историја на „Охридско лето“ – додаде Поповиќ.
Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска, рече дека покрај спектакуларното отворање, годинава фестивалот нуди врвни музички имиња од земјава и од светот: светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ, „Френк Дупре џез-трио“, како и пијано-рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“, камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон… Театарската програма се отвора со Стивен Фридмен и офф-Бродвеј претставата „Бикот на Фаларис“, а продолжува со „Ана Каренина“, во продукција нa „Ујвудеки Зинхаж“ од Нови Сад, а во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. В.Д.