Економската криза стигна и во Германија
Во еврозоната, германската економија е најголема. Но сега, по констатираната т.н. „техничка рецесија“, многу економски експерти стравуваат од ризикот „Германија да повлече надолу со себе и многу други држави“ тесно поврзани со нејзината економија
Подготвил: Mарјан Велевски
Не толку одамна, Германија беше моќта на Европа: богата, во подем и политички силна. Но сега и моќта падна. И не е тешко да се види зошто ова ѝ дава на остатокот од еврозоната причина за загриженост. На крајот на краиштата, „ако европскиот најголем член се мачи, ризикува да ги повлече сите нив со себе“.
Според една анализа на „Политико“, Германија е убедливо најголемата економија во еврозоната, со речиси 30 отсто од економското производство на ЕУ. Таа е најголемиот трговски партнер на повеќе од половина од 27-те земји на Европската Унија. Исто така, на политички план, тоа му овозможи на Берлин да носи поголем дел од одлуките во рамките на Унијата.
Но скорашните податоци, кои покажаа дека Германија западна во рецесија, не беа гром од ведро небо. Таа веќе беше меѓу последните држави во Европа што се вратија на нивоата пред пандемијата кога економиите почнаа да закрепнуваат. И токму тоа продолжено чувство на германски неспокој, како и отсуството на веродостојноста што во минатото ја имаше Владата во Берлин, ги убеди експертите дека ова не е само обична фаза. Најновата процена за растот за првиот квартал покажа дека германската економија се намалува за 0,3 отсто. Тоа следуваше по намалувањето од 0,5 отсто во последниот квартал од 2022 година. Последните податоци за целата еврозона покажуваат дека валутниот блок маргинално расте, за 0,1 отсто.
Германците во потрага по решение
Аналитичарите сметаат дека последното економско намалување се должи на високите цени на енергијата предизвикани од руско-украинскиот конфликт и на очигледните структурни слабости во економските основи на земјата, кои коалициската влада по Ангела Меркел се бореше да ги поправи.
Германија беше позната како „болниот човек на Европа“ во доцните 1990-ти и раните 2000-ти, бидејќи се бореше со повторното обединување по падот на Берлинскиот ѕид. Но потоа таа направи силен економски скок и додека другите земји од еврозоната, како Грција, Италија и Португалија, се соочуваа со огромни долгови и грижи за самото постоење на валутата на еврото на почетокот на минатата деценија, Германија можеше да ги диктира условите за нивно спасување од позиција на сила и да го искористи сопствениот економски успех за да го повлече блокот нагоре. Но времињата се сменија, дури и ако Олаф Шолц, кој е германски канцелар од декември 2021 година, се обиде да остане смирен.
Но нема сомнеж дека економските проблеми само ќе ја нагласат тензијата меѓу тричлената коалициска влада во Берлин, во која веќе постои неслога за буџетот и за климатските политики. Ова, пак, ризикува да ги пренасочи напорите од ефективен одговор на политиката. Само половина од Германците веруваат дека владејачката владина коалиција ќе остане до крајот на нејзиниот мандат до есента во 2025 година, како што покажа истражувањето на анкетата на „Форса“.
Војната во Украина, демографските промени и сегашната енергетска транзиција структурно ќе влијаат на германската економија во наредните години
Економистот од германската банка ИНГ, Карстен Брзески, посочувајќи на падот на куповната моќ, разредените индустриски нарачки, како и очекуваните пречки од заострениот и послаб раст на САД, смета дека „оптимизмот на почетокот на годината се чини дека отстапил место за повеќе чувство за реалност“. Тој додаде дека згора на овие циклични фактори, тековната војна во Украина, демографските промени и сегашната енергетска транзиција структурно ќе влијаат на германската економија во наредните години.
Иако благата зима значеше дека Германија, која беше силно зависна од рускиот увоз на енергија, успеа да ги избегне најлошите сценарија на недостиг од гас што би принудило целосно затворање на фабриките, сепак изгледите не се добри.
Дури и пред надолната ревизија се очекуваше Германија да докаже дека ќе ги повлече вкупните економски перспективи на регионот. Пролетните економски прогнози на Европската комисија покажуваат дека германскиот раст е 0,2 отсто оваа година и 1,4 отсто следната година, во споредба со просекот во еврозоната од 1,1 отсто и 1,6 отсто за истиот временски период.