Оваа 2023 година се навршуваат точно 80 години од многу значајни настани, процеси што се круцијални за македонската државност, а се одбележуваат некако стихијно, а некои воопшто и не се споменуваат. За одбележување е дека во истата таа 1943 година загинаа голем број македонски борци што беа вклучени во Народноослободителната борба од првите денови. Во прв ред ќе ги споменеме Орце Николов, Мирче Ацев, Илија Антевски–Смок, Герас Цунев, Кочо Рацин, Александар Урдаревски, Боро Петрушевски, Ванчо Прке и др.
Меѓу плејадата првоборци што со своите животи се вградија во современата македонска држава е и првоборецот Благој Давков. Неговото убиство се случи во мачниот јануари 1943 година, кога со него во Скопскиот затвор беа донесени и ликвидирани уште двајца македонски борци, Јован Басаров и Герас Цунев, од страна на бугарската фашистичка полиција. Давков бил уапсен како припадник на Вториот скопски партизански одред.
Благој Давков бил роден на 21 јануари 1921 година во Скопје. Неговите активности како револуционерен работник започнале уште во најраната младост, кога како бравар учествувал во штрајковите на металските работници, а од 1938 година се вклучил во УРС-овите синдикати. Една година пред Хитлеровиот напад на Југославија станува член на Комунистичката партија на Југославија и на Месниот комитет на Скопје.
По капитулацијата на Кралството Југославија се вклучува во Народноослободителната борба (НОБ) првично како член на диверзантска група, а подоцна и како борец на Првиот скопски народноослободителен одред. По расформирањето на одредот, Давков се илегализирал во Штип. Во мај 1942 година од бугарските окупаторски власти, Благој Давков во отсуство бил осуден на смрт со бесење. Истиот месец се префрлил во велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, а подоцна во велешкиот партизански одред „Пере Тошев“, каде што останал до октомври 1942 година, кога се префрлил во Скопје и се приклучил во Вториот скопски партизански одред.
Благој Давков се одликувал со посебна храброст, одлучност и исполнителност во извршувањето на задачите, свесно ризикувајќи го животот да биде убиен во престрелка или заробен од окупаторите. Во исполнувањето на една таква мошне ризична задача тој паднал во рацете на бугарскиот окупатор. Имено, Давков бил испратен во Скопје да се поврзе со Месната организација на КПЈ. По неговото пристигнување во градот бил накодошен и фатен од бугарската окупаторска полиција на 2 јануари 1943 година. По психичката и физичката тортура, на 18 јануари 1943 година бил префрлен во Скопскиот затвор, сѐ со цел да се изврши врз него претходно изречената смртна пресуда. Случајно или не, некој одлучил токму на денот на неговиот роденден 21 јануари да биде егзекутиран со бесење. Сведок на неговата егзекуција бил првоборецот Дучо Кранго, кој бил во една од ќелиите. Тој во неговите сведоштва говори за последните мигови на Благој Давков, кои биле исполнети со жилав отпор од негова страна и упатени закани кон убијците, кои со своите кундаци го удирале Давков во обид да го замолчат. За носењето на местото на егзекуцијата и самиот чин на егзекуцијата, Кранго сведочи: „Крвјосаниот, а развиен и силен Благоја, џелатите одвај го спроведоа низ дворот… Но, собра толу сили за да извика ‘И вам ќе ви дојде крајот фашистички гадови. Да живее Комунистичката партија; да живее Македонија…’, се слушна силен удар со кундак по главата. На онесвестениот Давков му ја ставија јамката. Со сета сила џелатот Аврам, со помошникот Плочев, го кренаа кон бесилката, речиси мртвиот другар“.
Искусните џелати го ставиле на бесилката мислејќи дека задачата е речиси завршена, односно само ќе го доубијат полумртвиот Давков. Потоа неговото тело го ставиле во специјална кола обложена со ламарина за спречување зарази. Но во колата забележале дека Благој Давков покажува знаци на живот. За да биде извршена смртната пресуда онака како што била изречена од судот, џелатите морале да го извадат од колата и повторно да го бесат, односно да го дообесат. Дучо Кранго ќе напише: „Тоа беше дотогаш, а и потоа единствен случај во Скопскиот областен затвор некого да бесат двапати“.
Така згасна младиот живот на Благој Давков, кој се даде себеси како жива жртва за слободна Македонија. Нешто што треба да се цени и вреднува од денешните генерации.
Проф. д-р Марјан Иваноски