„Повторна средба” е изложбата од Анита Јовеска – Сот која што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Изложбата пренесува енергија која длабоко никнува од нескротливата природа на ликовите, полни со жед за живот и динамика.
– Нивната појава вибрира со контраст на бојата и суптилна хармонија на композицијата, постепено бранувајќи ја перцепцијата на посетителот. Анета користи широка палета на јасно вибрантни и контрасни бои. Жената тука е темел и има силна и емотивна надмоќност. Уметникот низ ликовите ни открива една мистерија преку нивниот поглед и вешто не носи пред огледало, на повторна средба со себе, во една друга димензија и време, покажувајќи ни друго ЈАС. Низ творештвото Анита Сот ја искажува лирично и раскошно својата суштинска и автентична потреба за создавање – се вели во најавата за изложбата.
Сот е академиски сликар, родена прилепчанка, која дипломира на Националната Академија за Уметност во Софија, Р.Бугарија 2008 год, отсек плакат и визуелни комуникации.
„Повторна средба” е нејзина трета самостојна изложба. Има изложувано на многу групни изложби и ликовни колонии низ Македонија и странство, како и дела во приватни колекции и галерии во Германија, Холандија и Италија. Активен и постојан член на ДЛУП. Живее и работи како професор по ликовна уметност.
Ка.М.