КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ НА ИСТОКОТ

Мајами по третпат го совлада Бостон (128-102) и му треба уште една победа за пласман во големото финале
Кошаркарите на Мајами го декласираа Бостон на домашен терен, со 128-102, и поведоа со 3-0 во финалето на Источната конференција. На Мајами сега му е потребна уште една победа за да се пласира во големото финале на НБА-лигата. Првата можност да го реализираат ова ќе ја имаат в среда наутро, кога повторно ќе играат пред своите навивачи. Првите две победи Мајами ги оствари на теренот на Бостон.
Најефикасни кај Мајами беа Гејб Винсент со 29 коша, Данкан Робинсон уфрли 22, Кејлеб Мартин 18, Џими Батлер 16 и Бем Адебајо со 13 поени. Кај поразениот состав, најпрецизен беше Џејсон Тејтум со 14 поени, Џејлен Браун, Грант Вилијамс и Пејтон Причард постигнаа по 12 коша.
Утрово, според распоредот, беше на ред четвртиот натпревар во Западната конференција, помеѓу домаќинот Лос Анџелес лејкерс и Денвер. Моментниот резултат пред овој дуел беше 3-0 за Денвер, кому му треба(ше) уште една победа за првпат во својата клупска историја да се бори за шампионскиот прстен. Г.И.