Основачот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, денеска ја обвини регуларната руска армија дека се повлекла 570 метри северно од градот и ги напуштила крилата што ги држеле неговите Вагнеровци, пренесе британски „Скај Њуз“.
Силите на групата „Вагнер“ го предводеа нападот на Бахмут во една од најкрвавите и најдолги битки од војната во Украина, која Москва сè уште ја нарекува „специјална воена операција“.
Во последните неколку месеци, единиците на редовната руска армија им даваат поддршка на платениците на Пригожин во и околу Бахмут.
Пригожин, кој претходно го обвини руското Министерство за одбрана и водечките руски генерали дека не прават доволно за да ги поддржат нивните платеници, денеска побара од Министерството за одбрана „да направи се за да ги заштити крилата на линијата на фронтот“ по, како што тврди, повлекувањето на руската армија оттаму.
-За жал, војниците на руското Министерство за одбрана се повлекоа 570 метри северно од Бахмут и ги отворија нашите странични позиции, рече Пригожин во гласовната порака објавена на социјалните мрежи, пренесена од британските медиуми.
– Апелирам до раководството на Министерството за одбрана – јавно – затоа што никој не ги чита моите писма – кажа Пригожин, а потоа директно им се обрати на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на армијата Валериј Герасимов: „Ве молам, не оставајте им ги на нив (Украинците) нашите позиции“.
Групата „Вагнер“ веќе неколку дена наназад тврди дека го освоила најголемиот дел од уништениот град, иако со големи загуби. Но, украинската војска тврди дека, токму во последните неколку дена, заземала десетици квадратни километри околу Бахмут.