Цветиновите пораки за мир изминатите триесет години патуваат низ светот. Една од нив беше испратена и од Канада.
– Изминатиот викенд во црквата „Св. Илија“ во Мисисага, Канада, се случи прекрасен настан по завршувањето на претставата на театарчето „Македонски весели бисерчиња“, кое е интегрален дел од Детското училиште при црквата. Претставата беше посветена на Светскиот ден на мајката, кој се одбележува на 15 мај. Сѐ беше заокружено со испраќање на Цветиновата порака за мир во светот, која симболично, заедно со жолто-црвените балони, беше испратена од дворот на црквата. Небото се обои со боите на Македонија. Овој настан е дел од Деновите на македонската култура и јазик во Канада – вели Љубомир Велкоски, нашинец што живее во Мисисага.
Поетесата Вера М. Самарјани, од името на уметникот Живко Поповски-Цветин и сите поддржувачи на „Цветната порака за мир во светот“ ја прочита следнава порака во стихови:

„Цветиновата порака
за мир во светот,
пристигна и во Мисисага,
таа непрестано мир бара
низ светот, по мир трага.
Разлетани балони
црвено-бели,
распеани дечиња весели
и тие мирот го промовираат
како на светот да му
диригираат“.

Претходно во Њујорк, во Македонскиот културен центар беше отворена изложбата „Цвеќе на мирот“, во организација и реализација на Јордан Панев, генерален конзул на Македонија во САД и неговата сопруга Соња Панева, истакната педагошка работничка, хуманистка и учесничка во повеќе меѓународни проекти во областа на образованието.

М.Т.