Немало договор на вчерашната средба во Владата помеѓу синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Синдикатот денеска на прес-конференција објави дека останува во штрајк, но се повлекува од јавни обраќања и дека одговорите на прашањата во врска со нивното барање за повисоки плати и за полагањето на државната матура ќе треба да се бараат во надлежните институции, пред сѐ во Министерството за финансии.
Претседателката на синдикалната организација на 29-те вработени во ДИЦ, Емилија Бошковска, изјави дека на средбата им бил понуден К-15 што, рече, не го добиваат, а законски им припаѓа и за тоа ќе има веројатно и тужби, и линеарно покачување од 2.000 денари што би добиле половина од вработените.
-Од вицепремиерот за економски прашања добивме идентичен одговор, како напамет научен текст на она што досега го добивавме и од министерот за образование и од претставници на Министерството за финансии. Понудено ни е К-15, кој нам ни следува законски и кој досега незаконски ни го спречуваа да го добиеме, и за кој веќе имаме постапка пред Инспекторат, а веројатно ќе следуваат и индивидуални тужби кои државата би ја чинеле дополнителни судски трошоци. Тоа не беше предмет на преговорите, К-15 го имаме во Колективниот и ни следува. Второто што ни беше понудено е линеарно покачување што, исто така, требаше да се случи автоматски и да не биде дел од преговорите. Со еден збор, нашиот поединечен колективен договор на ниво на работодавец го прогласуваат за ништовен со нивното игнорирање и со давање други предлози кои не беа предмет на преговори. Се најдоа начини, се направија ребаланси за нето покачувања од 70-80 проценти, а не можат да најдат решение за 30-ина луѓе кои работат многу напорно и а повеќе одговорности во исто време – рече Бошковска.
Појасни дека за различни позиции бараат различно покачување бидејќи тие сега се збиени.
-Баравме на различни позиции различно покачување, затоа не можеме да пресметаме колку е вкупното барање. Нивната проценка е дека вкупно за сите е околу 27 отсто покачувањето. Кај некого ќе има можеби 10.000, затоа што со години биле онеправдани, а кај некого може и 4.000 денари. И за тој буџет не се согласуваат и сметаат дека е многу голем. Ни даваат нешто што по закон ни припаѓа и не сме го добиле и покрај тоа што сме го барале од Министерството за финансии – рече претседателката на Синдикатот на ДИЦ.
На прашањето дали ќе има државна матура на 27 мај, таа одговори дека штрајкот продолжува и во мирување ќе бидат сите процеси во надлежност на ДИЦ. Ништо повеќе нема да изјавуваат и за се што ќе се случува додека трае штрајкот наместо од нив, изјави и соопштенија медиумите и јавноста ќе треба да добиваат од надлежните министерства, особено од Финансии, кое досега, рече, ни еднаш не им одговорило на барањето.
-Досега се беше наш апел, надеж, дека навистина на Владата и е битно тоа што се случува во образованието и дека и е битно да се случи државната матура. Сфативме дека ние повеќе се грижиме за децата отколку државата – додаде Бошковска.
Во однос на изјавата на министерот Јетон Шаќири дека ќе има државна матура во закажаниот термин на 27 мај и, за да се реализира, ако е потребно МОН ќе ангажира од своите вработени, таа рече поради тајноста на материјалите влезот во ДИЦ е забранет за надворешни лица, а во некои простории во Центарот не смеат да влегуваат ни сите вработени.
-Со секое влегување на надворешни лица, се нарушува веродостојноста на матурата. Слободно нека донесат – додаде Бошковска.