Фото: Официјална страница на турскиот претседател

Со автократскиот лидер на чело, блокот не мора да се бори со можноста Турција да се приклучи во нејзините редови, пишува „Политико“

Политико

Постојат многу причини за западните лидери да не го сакаат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. За време на неговото 20-годишно владеење на врвот на политиката во Турција, лидерот познат и како „неоосманскиот султан“ затвораше новинари и опозициски политичари, насилно ги газеше демонстрантите и лошо управуваше со економијата. На надворешнополитичкиот фронт, овој моќник се зближи со Русија, започна упад во Сирија и го искористи своето вето во НАТО за да го блокира шведскиот пристап во критичен момент за Алијансата, пишува „Политико“.

Меѓутоа, има една причина зошто на лидерите на ЕУ би можел да им недостига подостарениот лидер, доколку тој на 14 мај изгуби од неговиот центристички противкандидат Кемал Киличдароглу. Со Ердоган на чело на Турција, кој во последниве години станува се поавторитарен, ЕУ може да го држи настрана прашањето дали оваа земја треба да стане дел од неа. За многу европски политичари, Ердоган е корисна политичка алатка, дозволувајќи ѝ со своите политики на ЕУ легитимно да отфрли каква било сериозна дискусија со Анкара за членство. Неговата сè понеприфатлива ригидност и затворањето на политичките противници, создадоа политичко покритие за ЕУ да го избегне ова прашање. Промената на режимот може да ја смени оваа динамика.

– Во изминатите неколку години видовме дека Турција и ЕУ се движат во спротивни насоки. Турција под Ердоган се оддалечи од европските вредности, процесот на пристапување е целосно закочен и резултираше со тоа дека идејата Турција да стане членка на Европската Унија повеќе не е веродостојна цел – рече Селим Кунералп, поранешен турски амбасадор во Европската Унија.

Раздразлива врска

Приказната за односите меѓу ЕУ и Турција трае повеќе од 60 години. Во 1959 година, Турција поднесе барање за асоцијација со Европската економска заедница – претходник на ЕУ – што доведе до потпишување на Договорот од Анкара во 1963 година.

Откако серијата државни удари и економската и политичката нестабилност го оставија во заднина прашањето за интеграцијата на Турција во ЕУ, во 1980-тите процесот на пристапување повторно се актуелизираше. Во 1987 година Турција поднесе барање за приклучување кон ЕЕЗ. Една деценија подоцна ѝ беше доделен статус на кандидат и земјата почна да прави значајни чекори за исполнување на критериумите за пристап утврдени од ЕУ.

Тоа беше периодот кога Ердоган дојде на власт. Во тоа време, како реформски водач на новата Партија на правдата и развојот (АКП), тој зборуваше за плурализам, демократија и хармонија, дури и за отворање мировни преговори со курдската група ПКК. Се зафати за работа, воведувајќи реформи кои ја доближија Турција до исполнување на критериумите на ЕУ, како што беше промената на законите што се однесуваа на војската, која требаше да стане подложна на цивилна контрола. Иако во тоа време беа пофалени од Европската комисија, тие промени всушност ја поставија основата Ердоган подоцна да преземе поголема контрола над целата војска.

По краткиот меден месец, односите со Брисел брзо се заладија. Ердоган стана сè пофрустриран од темпото на пристапување во ЕУ; неколку земји-членки јасно ставија до знаење дека не сакаат да ја примат Турција во клубот. Оваа дихотомија придонесе врската меѓу Анкара и ЕУ да станува сѐ пораздразлива.

Мирување

Многу проблеми се виновни за влошените односи – при што двете страни го вперуваат прстот кон онаа другата. Одлуката на ЕУ за прием на Кипар во 2004 година беше постојан камен на сопнување во односите. Турција го окупира северниот дел на островот од 1974 година – чин на кој Никозија бара Брисел да му посвети внимание, пред Кипар да се согласи за поблиски врски меѓу ЕУ и Анкара.

Дополнителни проблеми создаде и однесувањето на поранешниот француски претседател Никола Саркози. Во 2011 година, францускиот претседател беше во кратка петчасовна посета на турската престолнина. Ноншалантно џвакајќи гума за џвакање при пристигнувањето во Анкара, неговата порака беше повеќе од јасна: ставот на Франција околу турското членство во ЕУ гласи „никако“. Голем број официјални лица тогаш изјавија дека оваа посета била пресвртна точка за Ердоган.

Од другата страна, за време на брутално задушување на протестите во паркот Гези во 2013 година, Ердоган затвори десетици илјади луѓе, а потоа ја зацврсти својата моќ на уставниот референдум во 2017 година, оставајќи ги изгледите за членство на земјата во ЕУ во привремена канта за ѓубре. Со други зборови – неговата строгост не одговара на критериумите од Копенхаген – условите што секоја земја што сака да се приклучи на ЕУ мора да ги исполни, а кои вклучуваат заштитни мерки околу владеењето на правото, човековите права и заштитата на малцинствата, пишува „Политико“.

Во 2018 година, на лидерите на ЕУ им дојде преку глава. Во изјавата на Европскиот совет отворено беше кажано: Преговорите за пристап на Турција „се ставаат во мирување“.

Подобра атмосфера

Во моментов, најважното прашање што виси над односите ЕУ-Турција е дали ситуацијата ќе се промени откако Турците ќе излезат на гласање в недела. Изборите на 14 мај станаа еден од најголемите тестови во политичка кариера на Ердоган, а анкетите покажуваат дека нема голема разлика во неговиот и рејтингот на неговиот противник од опозицијата Киличдароглу. Промената во власта најверојатно ќе донесе свежина во партнерството меѓу Турција и Западот. Киличдароглу рече дека сака да го рестартира процесот на пристапување во ЕУ и дека ќе ја обврзе Турција да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права. Сепак, можноста за ново раководство во Турција можеби нема да ги елиминира сите главни причини за несогласувања.

Домашните предизвици ќе останат исти, кој и да е на власт. Постои длабока економска криза, а актуелната влада нуди секакви популистички мерки за нејзино ублажување пред изборите, кои ќе престанат веднаш по нив – вели Галија Линденштраус, виш научен соработник во тинк-тенк организацијата Институт за национални безбедносни студии.

Вашингтон не ја криеше својата желба за промена на власта во Турција, која е важна членка на НАТО. Во 2019 година, Џо Бајден, тогаш претседателски кандидат, рече дека САД треба да ги поддржат турските опозициски лидери.

-Тој треба да плати цена за неговиот авторитаризам – рече тогаш идниот претседател на САД во интервјуто, со што ваквите коментари ја налутија турската влада.

Линденштраус предвиде „подобра атмосфера“ меѓу Брисел и Анкара доколку Киличдароглу дојде на власт. Шестпартискиот опозициски блок сигнализираше дека сака да ги ресетира односите со ЕУ и дека ќе се движи кон поништување на некои од мерките на Ердоган, кои беа во спротивност со критериумите од Копенхаген, како што е враќањето на парламентарен, а не на претседателски систем. Сепак, основните прашања – најважното, Кипар, но и изгледите за приклучување на едно огромно, релативно сиромашно население во блокот – потврдуваат дека не сите во Европа ќе брзаат да ја отворат вратата за Анкара. Иако малкумина ќе го кажат тоа јавно, голем број од земјите се претпазливи во однос на пристапување на мнозинска муслиманска земја како Турција.

Нови почетоци

Линденштраус изјави дека може да има напредок во однос на прашања како што е визната либерализација или ажурирање на царинската унија меѓу ЕУ и Турција, која постои од 1995 година, но веројатно не многу повеќе од тоа.

Илке Тојгур, висок соработник во тинк-тенк организацијата ЦСИС, рече дека модернизирањето на договорот за асоцијација меѓу двете страни е еден од начините за ревитализација на односите. Таа посочи дека двете страни може да имаат корист од договор за асоцијација како оној што ЕУ го има со другите земји, кои неодамна го започнаа процесот на пристапување. Обновениот договор би можел да опфати прашања како што се климатските активности, миграцијата и трговијата, што ќе ги подобри односите со Брисел, расчистувајќи го патот кога станува збор за потешкиот дел од пристапувањето.

Некои други аналитичари беа поскептични и сугерираа дека нема сите во Европа да се радуваат на политичкиот пораз на Ердоган.

– За некои во ЕУ можеби е поволно да имаат авторитарен лидер во соседството, наместо сериозно да се занимаваат со прашањето за пристапување на Турција во Унијата – рече Галип Далај од тинк-тенкот Чатам Хаус. .

-Демократска Турција би претставувала многу пофундаментално прашање за Европа – додаде тој.

Подготви: Валбурга Батева Николоска