Изложбата „Експериментален цртеж“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во уметничкиот центар „Арт хаб“ во Скопје. Во ова издание на изложбата на Друштвото на уметници на Македонија, без зададена тема, но со назначени пропозиции и димензии, уметниците го практикуваа цртежот во нивниот карактеристичен ракопис, внесувајќи експеримент и се чувствува освежување во третманот на техниката цртеж на хартија. Учествуваат 30 уметници, меѓу кои се: Ана Ивановска, Ангелца Стоиљковиќ, Аница Китановска, Ацо Таневски, Валентина Илијевска, Вања Дуза, Виолета Чапоска, Гордана Вренцоска, Дејан Иванов-Маргуш, Ѓорѓи Динев и др.
– Цртежот е најстар визуелен израз уште од времето на првите записи во пештерите Ласко и Алтамира, кога тие незнајни цртачи не можеа да се наречат уметници. Нивните записи на ѕидовите на пештерите денес се изучуваат и истражуваат во историјата на уметноста, а говорат за животот и нивниот крик на постоењето. Денешнината повикува на современ крик, кој ќе биде слушнат, кој ќе биде виден, а низ таа современа духовност ќе повика на почитување на одамна заборавените вредности. Кон негување на тој едноставен ракопис на цртежот, уметниците си поигруваат со техниката, таа е класична, но нуди безброј можности и современ третман – вели Дијана Томиќ Радевска, претседателка на ДЛУМ.
Според неа, во цртежите на нашите селектирани уметници се чувствува класичниот приод на употреба на линијата и нејзината прецизна поставеност, нудејќи нарација, кај некои уметници се чувствува експресивен и динамичен потег кон композиција на романтичарското или фигуративното.