Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и гранскиот Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање во писмо упатено до евроамбасадорот Дејвид Гир бараат да биде упатена јасна порака до Владата и пратениците да не се злоупотребува европското знаменце за закони со кои, како што велат, се силуваат работничките права.
– Поединци во Владата и неколку пратеници прават обид со злоупотреба на европското знаменце при носењето на законите, со европско знаменце да ја силуваат демократијата и да ги силуваат работничките и човековите права, а потоа изговор да им биде дека Европската унија тоа го барала од Владата која со ваквиот потег воведува работно време како пред 137 години со кое овозможува работниците нечовечки да бидат експлоатирани во траење од 72 часа во текот на една недела што е преседан и во светски размери и директен атак врз здравјето и безбедноста на работниците – се вели во писмото.
Со оваа одлука, оценува ССМ, Владата се однесува како неевропска и не води грижа за животот и здравјето на работниците туку ги гледа своите интереси и интересите на нејзините стратешки партнери, жртвувајќи ги работниците и нивните семејства.
Од ССМ укажуваат дека не биле консултирани ниту при носењето на основниот Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.
Пакетот закони што се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д со европско знаменце се ставени на дневен ред на утрешната собраниска седница. Од политичката партија „Левица“ најавија дека доставиле над 6.000 амандмани.