Неговиот просек во моментов е 1,26 гол на 90 минути во Премиер-лигата, убедливо најмногу од кој било друг играч во најдобрите пет европски лиги (Англија, Франција, Германија, Шпанија и Италија) сезонава, кој играл повеќе од 612 минути, пишува „Скај спорт“. Згора, Холанд упати 56 шута кон противничкиот гол во лигата, што значи дека неговиот просек е еден гол од секој 1,6 удар кон противничкиот гол, што ја нагласува неговата прецизност

ФУДБАЛ

Напаѓачот на Манчестер сити, Норвежанецот Ерлинг Холанд, постави нов рекорд за најмногу голови во една сезона во англиската фудбалска Премиер-лига. Тој еднаш ја затресе мрежата во победата на натпреварот со Вест хем со 3-0 и тоа беше неговиот 35-ти првенствен гол сезонава.
Со тоа тој за еден гол го надмина досегашниот заеднички рекорд на Алан Ширер и на Ендрју Кол. До крајот на сезоната Манчестер сити, кој се врати на врвот на табелата (има еден бод повеќе и еден натпревар помалку од второпласираниот Арсенал) и е во трка по три трофеи сезонава (првенство, ФА-куп и Лига на шампионите), има уште пет натпревари во Премиер-лигата.
– Чувството е неверојатно и јас сум навистина среќен и среќен сум и за трите бода – изјави тој за „Би-би-си“.
Кол постигна 34 погодока за Њукасл во сезоната 1993/94, а една сезона потоа Ширер го забележа истиот резултат во дресот на Блекбурн. Во тие сезони во Премиер-лигата, која почна да се игра во 1992 година, се играа по 42 кола, а сезонава 38.
Ширер ги почна сите 42 меча во неговата рекордна сезона, а Кол пропушти две средби во неговата сезона. Холанд, пак, во својата дебитантска сезона во англискиот фудбал, своите погодоци досега ги постигна на 31 натпревар.
Неговите 35 гола се, исто така, најмногу од еден играч во една сезона во англиската најсилна дивизија откако Рон Дејвис постигна 37 за Саутемптон во сезоната 1966/67, а Дикси Дин е рекордер со 60 гола на 39 натпревари за Евертон во сезоната 1927/28, пишува „Би-би-си“.
Холанд сезонава постигна и четири хет-трика (три гола на еден меч), само еден помалку од рекордот на Хари Кејн од пет во една сезона во Премиер-лигата.
Во сите натпреварувања, репрезентативецот на Норвешка ја надмина границата од 50 гола, откако сега веќе има 51, прескокнувајќи ги Вик Вотсон и Понго Воринг, кои имаа по 50 погодока пред повеќе од 90 години. Сега, на патот му стои само рекордот на Дин од 63 гола од сезоната 1927/28, пишува „Скај спорт“.
И покрај неговите рекорди, Норвежанецот одигра само 84 отсто од времето на игра во Премиер-лигата, 71 отсто во Лигата на шампионите, 40 отсто во Лига-купот и 41 процент во ФА-купот.
Тоа значи дека тој одигра само 74 отсто од достапните минути во сите натпреварувања сезонава и би постигнал повеќе од 64 гола во моментов, ако играше секоја минута и го одржуваше својот сооднос на голови, кој во моментов е 1,26 гол на 90 минути во Премиер-лигата, убедливо најмногу од кој било друг играч во најдобрите пет европски лиги (Англија, Франција, Германија, Шпанија и Италија) сезонава, кој играл повеќе од 612 минути, пишува „Скај спорт“.
Згора, Холанд упати 56 шута кон противничкиот гол во лигата, што значи дека неговиот просек е еднаков на еден гол од секој 1,6 удар кон противничкиот гол, што ја нагласува неговата прецизност.
Холанд е прв стрелец и во Лигата на шампионите, со 12 гола и води во трката за „златната копачка“ на Европа со 70 поени. Н.М.