Бразилскиот играч на Реал Мадрид има успешен дриблинг на секои 15 минути и 32 секунди и стапка на успех од 50,3 отсто во висококонкурентни натпревари

ФУДБАЛ

Во своето 420-то издание, Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) ги рангира фудбалерите дриблери во натпреварите во домашната лига во претходните 365 дена за да состави светска ранг-листа, според индекс што ги комбинира зачестеноста и процентот на успешни дриблинзи, како и спортското ниво на соиграчите и противниците.
На листата се вклучени само фудбалери што уште немаат наполнето 23 години и одиграле најмалку 1.500 минути во домашната лига.
Бразилскиот крилен играч на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, е на врвот на листата со успешен дриблинг на секои 15 минути и 32 секунди и стапка на успех од 50,3 отсто во висококонкурентни натпревари. Неговиот сонародник Анџело Габриел од Сантос е на второто место со уште поимпресивна статистика, иако во натпревари од пониско ниво, по еден успешен дриблинг на секои 13 минути и 56 секунди со стапка на успешност од 64,2 отсто, пишува ЦИЕС. Џамал Мусиала од Баерн го заокружува подиумот со дриблинзи на секои 20,14 минути и процент на успешност од 60,1.
Играчи од 35 различни лиги се во врвните 100 фудбалери дриблери, а шпанската Ла лига е на прво место со 11 претставници, еден повеќе од англиската Премиер-лига и аргентинската професионална Лига. Факундо Буонаноте од Брајтон е најмладиот играч во првите 100, пишува ЦИЕС. Н.М.