Писмото на американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер до судските и извршните органи го содржи она на што таа укажува веќе неколку месеци и посочува на случаи на одолговлекување на судски постапки, прашања за кои одговор треба да дадат судиите и оние кои управуваат со нивната работа, оценија највисоките претставници на извршната власт во земјава во врска со писмото на амбасадорката на САД испратено на 11 април годинава во кое таа изразува загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили. Од друга страна, Судскиот совет вчера ја разреши својата претседателка, а скопска Апелација, пак, порача дека иако има недостиг на кадар, работи ефикасно и професионално.
Шефот на државата Стево Пендаровски вчера изјави оти претпоставува дека писмото на амбасадорка Агелер е во фонот на она што таа го говори веќе неколку месеци наназад, но, како што рече, бидејќи лично не го добил, не може да зборува во детали.
– Во однос на писмото, кое се спомена во медиумите и кое Американската амбасада и амбасадорката го има пратено до нашите институции, можам да коментирам само врз основа на медиумските написи кои сум ги видел. Претпоставувам дека станува збор за опис на состојбите и критиките на состојбите во делот на правосудството, во фонот на она што американската амбасадорка го зборува неколку месеци назад. Меѓутоа не можам да зборувам во детали, затоа што такво писмо до мене не е доставено – рече вчера Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, оцени дека писмото посочува на одредени случаи коишто се одолговлечени и постапката се враќа од повисоки кон пониски инстанци во повеќе наврати.
– Сепак, тоа се прашања за судиите коишто работат и за оние кои управуваат со работата на судиите, рече премиерот Димитар Ковачевски прашан за коментар за писмото на амбасадорката Агелер.
Тој нагласи дека мора да се разграничи оти во државата има поделба на власта на извршна, законодавна и судска власт и дека писмото се однесува на правосудството, но дека Владата стои на располагање за унапредување на законите и обезбедува услови за функционирање на судовите.
Премиерот посочи дека и покрај ваквите заложби на Владата, низа предлог-закони се блокирани во Собранието од опозицијата, наведувајќи ги како пример предложените нов Кривичен законик, Законот за судската академија и законите за ренумерација на судии и обвинители.
– Голем број од нив се блокирани во Собранието и тоа е прашање за опозицијата, а не за мене, бидејќи опозицијата ги блокира и мора да ги каже причините поради кои ги блокира платите на судиите, реформа на Судската академија… Тоа е се блокирано во Собранието – изјави Ковачевски.
Според премиерот, и во време на кризна година Владата направи многу во делот на унапредување на судството, но дека треба да се направат и дополнителни напори и повеќе да се вклучат и Собранието и политичките партии, бидејќи судиите и членовите на Судскиот совет се избираат во законодавниот дом.
Ковачевски денеска изјави дека во Владата ќе има промена само на министерското место за локална самоуправа, но не и на челните места на други министерства.
Тој смета дека треба да се воведат подетални и мерливи показатели на секој поединец од правосудната фела, со цел да „не се генерализира дали нешто комплетно не функционира или комплетно функционира“.
– Сепак, се работи за систем во кој постојат поединци од кои дел, веројатно, добро ја извршуваат својата работа, дел помалку добро, дел треба да го унапредат своето работење, а дел треба да бидат освежени со нов кадар. Но, сепак, тоа не е во ингеренции на Владата. Тоа што е во надлежност на Владата ние секојдневно го правиме на многу транспарентен начин – додаде Ковачевски.
Писмото на Агелер ги вжешти состојбите и во Судскиот совет, кој на вчерашната седница донесе одлука да ја разреши од функцијата претседателката Весна Дамева. Директен повод за разрешување на Дамева беше нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка, по што нејзиниот заменик Селим Адеми иницираше гласање за нејзина смена. При гласањето, за разрешување на Дамева гласаа седум члена на Судскиот совет, по што Адеми констатира дека Дамева е разрешена. Од Судскиот совет за МИА потврдија дека денеска ќе се одржи седница на Советот за избор на нов претседател.
Дамева по седницата оцени дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката за нејзиното разрешување ја оцени како противзаконска и дека таа е донесена за да се задоволат „одредени поединци од политиката“.
Со ставот на Дамева се согласи и невладината организација Коалиција „Сите за правично судење“ која смета дека Судскиот совет на денешната седница не можел да донесе одлука за нејзино разрешување од функцијата претседател, без да ја разреши од член на Советот. Коалицијата смета дека не била испочитувана процедурата во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и на претседателот на Судски совет, како и дека одлуката била донесена со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, за неа гласале 7 члена, од кои еден бил и гласот на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување.
Таа не одговори на прашањето на опозициските пратеници дали ќе поднесе оставка од морални причини по одлуката на Уставниот суд и нејзините врски со власта, ниту пак дали се истражени наводите
Коалицијата апелира на доследно почитување на законските одредби, како и прифатените стандарди на добро управување и добро владеење, особено „во ситуација кога државата веќе се соочува со нарушена репутација во поглед на функционирањето на судството, како и фактот што Судскиот совет веќе неколку пати се има доведено во вакви слични ситуации, со кои многу тешко може да се справи“.
И партијата Беса смета дека Дамева била разрешена, спротивно на законот и демократските вредности, само затоа што „на дневен ред стави точка за отчет на судиите кои го застарија делото за Мијалков“.
Партијата оцени дека ваквата одлука потврдува оти сите судски одлуки на највисокиот орган во рамките на судската власт, Судскиот совет, се носат по наредба на политичките партии на власт и ги повика меѓународниот фактор, граѓанскиот сектор и опозицијата на борба против „анархијата и арбитрарност во рамките на судската власт“.
Апелацискиот суд – Скопје, од своја страна, во вторникот се пожали на намален кадар, но посочи дека и со толкав број вработени работи ефикасно и професионално.
– По сите предмети, а посебно по предметите од висок јавен интерес се постапува ефикасно и ажурно, во согласност со законите, како и со Судскиот деловник, почитувајќи го редот на приемот на предметите, со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и примена на законите и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил, беше заклучено на седницата на судиите на Апелациониот суд Скопје, на која се разгледало и се дискутирало прашањето по сите видови предмети по кои Судот постапува, вклучително и предметите од висок профил и од висок јавен интерес, со акцент на зголемување на ажурноста во постапувањето по нив, притоа имајќи ја предвид моменталната состојба и намалениот број на носители на судиска функција во Судот.
Од Апелацискиот суд – Скопје посочуваат дека во моментов работат со само 28, од предвидените 52 судии.
– Ажурното постапување по сите видови предмети, вклучително и оние од висок јавен интерес, во голема мера зависи од пополнетоста на судиските места и само како напомена дека во Апелацискиот суд – Скопје во Кривичниот оддел се распоредени шест судии кои постапуваат по овој вид предмети, наведоа од скопска Апелација.
Американската амбасадорка Агелер на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во кое изразува загриженост поради одлуката на Апелациониот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.
– Секој ден сѐ повеќе сум загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите, наведува амбасадорката Агелер во писмото.
Од Министерството за правда потврдија дека на адреса на ресорниот министер Кренар Лога „стигнал допис во однос на работата на апелационите судови, кој што дополнително ќе се анализира“. Покрај до министерот за правда Лога, писмото било испратено и до шефот на дипломатијата Бујар Османи, до Врховниот суд, Апелациониот суд – Скопје и до неколку основни судови.
Апелацискиот суд – Скопје изминатиов период одлучи да укине неколку првостепени пресуди и да ги врати на повторно судење. Дел од нив се однесуваа на пресуди за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за случаите „Титаник 2“ и „Таргет-Тврдина“, како и за првостепените пресуди за „Трезор“ и за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април.