Норвешкиот напаѓач не притиска како претходните напаѓачи на Сити, Жесус или Агуеро, а она што тој го нуди, особено на големите натпревари, е разорно присуство во контранапад. Голот на Манчестер сити против Баерн во средата го покажа тоа. Така, Манчестер сити сега може да победува со игра на додавања, што се претвори во форма на уметност под водство на Гвардиола, или да оди по директен пат, како што беше со Баерн. Гвардиола дојде со систем според кој Сити игра хибридна формација, што му дава повеќе опции во напаѓачките ситуации без да го остави тимот премногу отворен за контранапад
ФУДБАЛ
Доаѓањето на Ерлинг Холанд му даде на Манчестер сити еден од најдобрите стрелци некогаш видени во англискиот фудбал, а неговото присуство му овозможи на менаџерот Пеп Гвардиола да го развива својот тактички пристап во најголемите натпревари, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Гвардиола секогаш ќе претпочита неговите тимови да доминираат во поседот на топката. „Можеби еден ден ќе ги променат правилата, но мислам дека за да постигнеш гол, потребна е топката“, рече тој еднаш. Гвардиола, сепак, повеќе не е врзан со филозофијата заснована на посед на топката, која беше белег на неговиот трофеен период во Барселона, како и во Баерн и во Манчестер сити. Погледнете ги само најважните натпревари на Сити сезонава.
На гостувањето кај ривалот за титулата во Премиер-лигата, Арсенал, во февруари, Манчестер сити имаше само 36 отсто посед, најниска бројка на тимот во претходните 11 години. Сити победи со 3-1. Во двата натпревара против Баерн во четврт-финалето на Лигата на шампионите, Манчестер сити имаше 44 проценти посед на топката дома и 42 отсто во реваншот во Германија. Сити победи со 3-0, а потоа ремизира 1-1 за да се пласира во полуфиналето. Не е случајно, пишува АП.
– Во Лигата на шампионите научивме од нашите грешки од минатото. Порано мислевме дека треба да доминираме 90 минути во играта, контролирајќи ја нивната последна третина. Но, во ова натпреварување, кога играте против Баерн, Пари сен Жермен, Реал Мадрид, Барселона, Ливерпул, треба да прифатите дека има моменти кога треба да се браните, да бидете постојани, да работите напорно за да не подарите лесни шанси, и тоа е она на што се трудевме да работиме. Во минатото имавме многу фрустрирачки ноќи поради тоа – рече играчот од средниот ред на Сити, Бернардо Силва по реванш-натпреварот со Баерн.
Влијанието на Холанд не може да се потцени. Норвешкиот напаѓач не притиска како претходните напаѓачи на Сити, како Габриел Жесус или Серхио Агуеро. Она што го нуди тој, особено на големите натпревари, е разорно присуство во контранапад со неговата сила и темпо. Голот на Манчестер сити против Баерн во средата го покажа тоа. Џон Стоунс ја отфрли топката од близина на сопствениот гол, откако Сити за влакно ја избегна опасноста за гол на Баерн, Холанд ја искористи својата сила за да го надигра својот чувар и му ја отфрли топката на Кевин де Брујне, а потоа потрча. Де Брујне го проигра Холанд, а напаѓачот го направи остатокот, постигнувајќи го својот 48. гол во сезоната. Така, Манчестер сити сега може да победува со игра на додавања, што се претвори во форма на уметност под водство на Гвардиола, или да оди по директен пат, како што беше со Баерн. Гвардиола го помина поголемиот дел од сезонава обидувајќи се да ги најде вистинската стратегија и пристап за да му се приспособи на Холанд, имајќи предвид дека Манчестер сити лани играше главно без напаѓач, а сепак ја освои Премиер-лигата, пишува АП.
Шпанскиот тренер дојде со систем според кој Сити игра хибридна формација, каде што Стоунс, номинално централен бек, игра во средниот ред, кога се има посед на топката, во формација 3-2-5, и се враќа во одбрана кога тимот се брани, што се претвора во формација 4-1-4-1. Тоа му дава на Манчестер сити повеќе опции во напаѓачките ситуации без да го остави тимот премногу отворен за контранапад.
Силва рече дека играчите на Сити конечно се загреале за промената на системот, а тимот е непоразен во претходните 16 натпревари, победувајќи на 13 од нив, и уште е во конкуренција за тројната круна, за трофеи во Премиер-лигата, Лигата на шампионите и во ФА купот.
– Знаете како е со Пеп, тој секогаш создава нешто различно, тој секогаш се приспособува затоа што мисли дека ако луѓето ги гледаат нашите натпревари, тие ќе се приспособат на нас. Тој го промени начинот на кој играме и се браниме сезонава и сега работиме многу добро. Ни требаше малку време да дојдеме до точка каде што сите се чувствуваме многу удобно – рече Силва.
Трката по трите трофеја за Сити продолжи во саботата, со победата во полуфиналниот натпревар од ФА-купот со Шефилд јунајтед, помалку од 72 часа по натпреварот со Баерн. Неделава доаѓа гостувањето на Арсенал, во потенцијално решавачки меч за титулата меѓу најдобрите два тима во Премиер-лигата, а има и натпревари дома и на гости со Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите во средината на мај.
Со Холанд, немилосрден пред голот, и Гвардиола, кој го демонстрира својот капацитет за промени, Манчестер сити може да е на патот да има сезона за паметење, пишува АП. Н.М.