Интер и Милан се меѓу четирите најдобри екипи во Лигата на шампионите, а еден од нив ќе игра и во финалето, Рома и Јувентус се во полуфиналето на Лига Европа, а Фиорентина ќе игра за влез во финалето на Конференциската лига

ФУДБАЛ

Италија доминира сезонава, откако во полуфиналињата во секој од трите европски фудбалски купа има тимови од таа земја. Во конкуренција за трофеите се вкупно пет клуба од Италија, и тоа по два во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) и еден во Конференциската лига (КЛ).
Така, Интер и Милан се меѓу четирите најдобри екипи во ЛШ, а еден од нив ќе игра и во финалето. Рома и Јувентус се во полуфиналето на ЛЕ, а Фиорентина ќе игра за влез во финалето на КЛ.
Според бројноста, следни на оваа листа, со по два тима, се Шпанија (Реал Мадрид во Лигата на шампионите и Севилја во Лига Европа) и Англија (Манчестер сити во Лигата на шампионите и Вест хем во Конференциската лига), а по еден клуб имаат Германија (Баер во Лига Европа), Швајцарија (Базел во Лига Европа) и Холандија (АЗ во Конференциската лига).
Според податоците на УЕФА, Италија е единствената земја што во една сезона имала победници во три европски купа, откако во 1990 година европски првак стана Милан, во Купот на победниците на куповите (КПК) победи Сампдорија, а Јувентус славеше во Купот на УЕФА. КПК се играше до 1999 година, кога се спои со тогашниот Куп на УЕФА, натпреварување сега со име Лига Европа.
Од сите 12 учесници од шест земји во годинашните полуфиналиња, во минатата сезона европски трофеи освоија Реал Мадрид во Лигата на шампионите и Рома во Конференциската лига. Во полуфиналињата се и најтрофејните во два европски купа, Реал Мадрид во ЛШ (14 пати победник) и Севилја во ЛЕ (шест трофеи), и двата клуба имаат двојно повеќе триумфи од најблиските конкуренти на соодветните листи. Конференциската лига почна да се игра од минатата сезона.
Полуфинални двојки, ЛШ: Милан – Интер, Реал Мадрид – Манчестер сити; ЛЕ: Јувентус – Севилја, Рома – Баер; КЛ: Фиорентина – Базел, Вест хем – АЗ. Н.М.


ПОЛУФИНАЛИСТИ ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

КЛУБ ЗЕМЈА КУП
Интер Италија ЛШ
Милан Италија ЛШ
Рома Италија ЛЕ
Јувентус Италија ЛЕ
Фиорентина Италија КЛ
Реал Мадрид Шпанија ЛШ
Севилја Шпанија ЛЕ
Манчестер сити Англија ЛШ
Вест хем Англија КЛ
Баер Германија ЛЕ
Базел Швајцарија КЛ
АЗ Холандија КЛ

ЛШ – Лига на шампионите;
ЛЕ – Лига Европа;
КЛ – Конференциска лига