Фото: Фејсбук/Бојко Борисов

Бугарија

Нема да бидам кандидат за премиер, изјави денеска претседателот на ГЕРБ, Бојко Борисов, по завршувањето на консултациите со бугарскиот претседател Румен Радев.

-Половина од пратеничката група на ГЕРБ-СДС се министри и многу брзо може да се направи предлог владин кабинет – појасни Борисов.

ГЕРБ-СДС имаат опција и за експертски и за партиски владин кабинет.

-Убеден сум дека најдоброто нешто за Бугарија е коалиција меѓу двете најголеми политички сили -ГЕРБ-СДС, од една, и „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“, од друга страна – додаде лидерот на ГЕРБ.

Притоа поранешниот бугарски премиер по средбата со претседателот Радев истакна дека „секој кој ја сака државата мора да направи компромис“.

-Омразата што ја видов во парламентот меѓу другите партии ме потсетува на она што беше против нас пред две години – рече Борисов, потенцирајќи дека оваа омраза никаде нема да ја однесе Бугарија и затоа повика на трпение и внимание.

Шефот на државата, Румен Радев, претходно денеска одржа консултации со ГЕРБ-СДС и притоа тој посочи дека најголемата одговорност за формирање влада сноси најголемата политичка сила во Собранието.