Тајванската компанија „Јагео” и официјално влегува во Македонија. Договорот за инвестицијата вредна 205 милиони евра, која треба да отвори околу 4 000 нови вработувања, денеска во Тајпеј го потпишаа директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски и менаџментот на конзорциумот „Јагео”.
На церемонијата преку видео-конференциска врска се вклучи и премиерот Димитар Ковачевски.Како што јави известувачот на МИА од Тајпеј, „Јагео” ќе произведува резервни делови и компоненти за автомобилската индустрија и за т.н. зелена енергија. Производствените погони ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје 1 и во ТИРЗ Штип. Како што беше речено пред потпишувањето на Договорот, изградбата на првиот капацитет ќе почне во јули годинава, во ТИРЗ Скопје 1. Предвидено е и, генерално, да се ангажираат наши, локални добавувачи.
Преговорите за инвестицијата траеле речиси една година, а земјава е избрана како најдобра во „трката” со останатите од регионот и пошироко.
– Со Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција: увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно. Ни излегуваше секогаш во пресрет и тука беше за секој наш проблем – потенцира извршниот директор на „Јагео”, Дејвид Ванг. Андреа Мејер, главен во оперативниот сегмент, напомена дека оваа досега најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, нема да значи вложување само во пари, бизнис и профит, туку и вложување во човечки капитал. -Наши приоритети се воведување нова технологија и јакнење на кадарот, овозможување вработените да стекнат нови вештини и да се усовршат – подвлече Мејер.
Според директорот Деспотовски, денешното потпишување на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност, можеме да оствариме големи резултати.
-Процесот не беше воопшто лесен. Во конкуренција беа многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Но, ние успеавме во таа трка и ние сме денеска тука, на оваа маса, да потпишеме договор. Со оваа инвестиција стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како „Тесла” и „Епл” – подвлече Деспотовски. Според него, компаниите во зоните вработуваат близу 17 000 лица, а влезот на „Јагео” ќе значи 30 отсто плус работна сила од оваа бројка. Церемонијата на потпишувањето се одржа во седиштето на „Јагео”. Честитки за инвестицијата упати и премиерот Ковачевски. -Станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, вредна 205 милиони евра и нови над 3 900 работни места. „Јагео” е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40 000 вработени ширум светот. Електронските компоненти кои ги произведува и кои се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал кондензатори, се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникациите, медицината, управувањето со енергија, зелена енергија – рече Ковачевски.
Со новиот концепт на поттикнување инвестиции успеавме, додаде, да ја ставиме нашата земја високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни вложувања.
-Бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на ивнестициите во ТИРЗ. Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра. Имаме над 16 500 вработени во Зоните што е за над 10.000 работници, само од 2017 година досега. Во првиот квартал имаме речиси една милијарда евра извоз што е највисоко ниво во последниве пет години. Само лани компаниите во зоните достигнаа највисоко ниво на извоз од 3.7 милијарди евра на годишно ниво – укажа премиерот. Делегацијата што ја предводи Деспотовски утре ќе има можност да ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.