Доверлив документ на американското разузнавање сугерира дека приватната воена компанија „Вагнер“ се обидела да купи оружје и воена опрема од членката на НАТО Турција, пишува Си-Ен-Ен.
Документот покажува дека „Вагнер“ е подготвен да инвестира финансиски средства за дополнително зајакнување на своите способности.
Како членка на НАТО, Турција се смета за партнер на САД и другите земји кои обезбедуваат директна воена поддршка на Украина и јавно го изрази своето противење на руската инвазија. Турција е седиште на главната американска воена база каде се складира нуклеарното оружје и служи како дополнително предупредување за одвраќање на руската агресија против членките на НАТО.
Според извештајот на американското разузнавање цитиран во документот, персоналот на „Вагнер“ се сретнал со „турските контакти“ на почетокот на февруари со намера „да купи оружје и опрема од Турција“ кое би го користле платениците на „Вагнер“ кои се борат заедно со руските сили во Украина.
Не е јасно кои биле овие „контакти“ и дали турската влада знаела за средбите. Нема докази дека е постигнат напредок во договорот во врска со продажбата на оружје на Вагнерците. Сепак, можноста сојузникот на НАТО да им продава оружје на руските платенички сили најверојатно ќе предизвика сериозна загриженост во Вашингтон и ќе ги комплицира односите на Анкара со другите членки на НАТО.
Портпаролот на Стејт департментот нагласи дека „Министерството за одбрана и разузнавачката заедница активно ја разгледуваат и ја оценуваат валидноста“ на објавените документи, додавајќи дека тие „не се во позиција да потврдат или коментираат какви било конкретни информации што ги содржат“.