МЕЧ ЗА СВЕТСКИ ШАХОВСКИ ПРВАК

Рускиот велемајстор (ВМ) Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени) ја доби втората партија од предвидените 14 против Кинезот Динг Лирен (2.788) на мечот за светски шаховски првак во Астана (Казахстан) и поведе со 1,5-0,5.
Лирен играше со бели фигури, а се предаде во 29-от потег, по 210 минути игра. Патем, Лирен беше и во временски недостиг за размислување, оти за само три минути требаше да одигра 15 потези до првата временска контрола.
Лирен го изненади Непомнијашчи во отворањето, нарушувајќи ја неговата теоретска подготовка, но по малата предност во позицијата Лирен не го најде најдобриот пат во средишницата и му дозволи на Непомнијашчи да ја преземе иницијативата. Ова секако е многу важна победа за Непомнијашчи за предност во раната фаза од мечот.
– Четвртиот потег со пешакот на х3 е мошне редок и беше добра идеја. Знам многу идеи по овој потег, но денешната партија беше катастрофа. Не можам да разберам што се случи. По 18-от потег ф5, мојата позиција беше многу тешка. Ми недостигаше речиси сѐ во играта – рече Лирен.
Непомнијашчи рече дека по 18-от потег почувствувал дека ќе победи. Вчера беше првиот ден за одмор, а денеска се игра третата партија. Г.И.