Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот – информираат од МВР.
Поради ова, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки, како што подвлекуваат, се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба.
Апелираат на посебно внимание и пораките да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани.
– Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер. Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина, а со иста цел – злоупотреба на лични податоци, во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот – се потенцира во соопштението од МВР.