Инклузивниот настан за деца „Играме заедно пак“, што требаше да се одржи на 9 април (недела), од 11 до 14 часот, на сцената „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, поради временските услови е одложен за 7 мај.
Организаторот Денис Јанкуловски – Космонаутко и членовите на здружението „Аутизам ААМК“ на социјалните мрежи објавија соопштение за причините за одложувањето на оваа средба , чиј дел требаше да биде и „Колибри“.
– Драги другарчиња, и покрај огромната желба кај сите нас да се видиме, гушнеме, да се изнаиграме, времево за жал не ни оди во прилог. Ние сакаме убаво време, сакаме разиграни деца а не застудени, сакаме да нема ветер за да може сите активности убаво да си ги направиме.Децата ни се пред се, главни актери. И токму затоа решивме да Играме заедно пак на 7ми мај,прво има неколку споени викенди а во мај ќе биде и потопло. Знам дека ќе не’ разберете и заедно ќе одбројуваме уште малку – напиша Денис Јанкуловски – Космонаутко.
Инаку, настанот „Играме заедно пак“, ќе се одржи по четврти пат и е замислен како своевидна алка на поврзување, каде децата со атипичен и типичен развој ќе играат, пејат и сликаат заедно.
Во годината кога единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат одбележува 65 години постоење, се надеваме дека на 7 мај ќе ги потсетиме присутните зошто „Колибри“ долго и успешно лета заедно со сите деца, ќе поделиме книги, ќе се насмееме и ќе се дружиме со сите учесници, писатели, уметници…
Меѓу годинашните учесници се и: дечињата од градинките „25 мај“ и „Спирит“, ДУЦОР „Партениј Зографски“, фолклорно друштво „Етнос“, ученици од ОУ „Кузман Ј. Питу“, танчерите од „Данса латина“, Тијана Периќ, членовите на градски инклузивен хор „Ветерница и Трисомија“, МБУЦ „Илија Николовски Луј“, Мето ди Флеш и многу други. М.Т.